Како комарците ги лоцираат жртвите?

Повеќе од сто години научниците се обидуваат да сфатат како комарците успеваат да ги пронајдат нивните жртви.

Има нешто кај луѓето што ги привлекува комарците. Освен мирисот и здивот, изложената човечка кожа на комарците делува како еден вид неонски рекламен знак, на кој се нагласува дека за нив е отворен „крвав бар“.

Тоа е затоа што комарците користат инфрацрвени сензори сместени во нивните 15-сегментирани пипала за да најдат плен, според новото истражување објавено во Science Alert.

Во многу делови од светот, каснувањето од комарец е повеќе од иритација. Тие шират патогени како денга, жолта треска и вирусот зика. Според Светската здравствена организација (СЗО) маларијата, која ја шири комарецот Anopheles gambiae, предизвикала повеќе од 600.000 смртни случаи во 2022 година.

За да избегнат посериозна болест или само лудо чешање, луѓето се желни да научат како да спречат каснувања од овие примамливи инсекти.

Истражувањето спроведено од научниците од Универзитетот во Калифорнија, Санта Барбара (UCSB) покажа дека комарците имаат инфрацрвена детекција, покрај другите знаци за кои веќе знаеме дека постојат, како што е „носот“ за јаглерод диоксид во човечкиот здив и одредени мириси на телото, за да се најде соодветна жртва.

„Видот комарец што го проучуваме, Aedes aegypti, е исклучително вешт да најде човечки домаќин со чија крв ќе се храни“, рече молекуларниот биолог на UCSB, Николас Дебобиен.

Добро е познато дека овие комарци користат повеќе начини за да најдат плен на далечина.

„Тоа е јаглерод диоксидот што луѓето го издишуваат, мирисите, влагата и топлината на нивните тела, но сè има граница бидејќи инсектите имаат слаб вид, а силните ветрови и брзите движења можат да ги нарушат нивните хемиски сетила“, рече Дебобијен.

Затоа, научниците се запрашале дали и комарците можат да забележат нешто посигурно кога станува збор за пронаоѓање „оброк“, а се испоставило дека тоа е инфрацрвеното зрачење на нашето тело.

Познато е дека машките комарци се безопасни, но на женките им е потребна крв за да развијат јајца.

Проучувајќи ги женските комарци, истражувачите поставиле кафези и 80 женки на возраст од една до три недели во секоја со разни лажни „домаќини“ кои претставуваа различни комбинации на термоелектрични панели, јаглерод диоксид од концентрациите на човечки здив и човечки мириси, сето тоа додека снимале петминутни видеа и го следеле нивното однесување во потрага по жртви.

Комарците слетувале и се обидувале да пијат крв низ мрежата на кафезот. Некои од комарците биле изложени на термоелектрична плоча на просечна температура на човечката кожа од 34 степени Целзиусови, која исто така служела како извор на инфрацрвено зрачење.

Други биле изложени на амбиентална температура од 29,5 степени Целзиусови, што е познато дека е погодно за комарци, но не емитува инфрацрвено зрачење.

Секоја мамка посебно – CO2, мирис или инфрацрвено зрачење – не успевала да го разбуди интересот на комарците. Ова значи дека ниту една мамка сама по себе не ја стимулира активноста на барање жртва кај комарците.

Но, очигледната жед за крв кај инсектите се удвоила кога инфрацрвениот фактор бил додаден на мамката и мирисот на CO2.

На растојание од 10 сантиметри, овие инсекти можат да ја детектираат температурата на нашата кожа и директно да ја почувствуваат кога ќе слетаат на површината на кожата. Но, тие можат да го почувствуваат и на поголема оддалеченост бидејќи се претвора во електромагнетни бранови, главно во инфрацрвениот спектар.

Истражувачкиот тим тврди дека нивните пипала содржат инфрацрвени сензори кои содржат протеин чувствителен на температура – TRPA1.

Кога тимот го отстранил генот за овој протеин, комарците не можеле да детектираат инфрацрвено зрачење.

Резултатите од истражувањето помагаат да се објасни зошто комарците се чини дека се особено привлечени од изложената човечка кожа и зошто широката облека – која го расфрла инфрацрвеното зрачење – е толку ефективна наметка за невидливост против нив.

И ова знаење може да резултира со нешто поефикасна одбрана од комарци, како што е можноста за создавање стапици кои би го користеле топлинското зрачење на температурата на кожата како мамка.

„Иако се толку мали, комарците се одговорни за повеќе човечки смртни случаи од кое било друго животно“, рече Дебобијен.

Тој исто така додаде дека нивното истражување го подобрило разбирањето за тоа како комарците ги напаѓаат луѓето и понудиле нови можности за контрола на преносот на болестите што ги носат овие инсекти.

Истражувањето е објавено во списанието „Nature“.

Извор: Н1

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни