Во Брисел денес беше отворен првиот Форум за проширување на Европската унија, на кој високата претставничка за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, ја испрати најсилната порака досега: проширувањето не е административен или технички процес, туку геополитички императив. Според неа, европскиот континент се соочува со најдлабоките геополитички промени во последните децении, што ја прави потребата од единство поважна од кога било.
Калас нагласи дека проширувањето мора да биде сфатено и во земјите-членки, а не само во кандидатите. Тоа, според неа, не е услуга кон земјите што чекаат, туку начин ЕУ да ги надмине физичките и политичките бариери во Европа, да ја зајакне демократијата и да го намали влијанието на автократиите. Во контекст на светскиот поредок што забрзано се менува, таа предупреди дека единството на Унијата станува пресуден инструмент на европската моќ.
Високата претставничка укажа дека во самата Европска унија постојат разлики во надворешнополитичките ставови, што често ја намалува силата на европскиот глас на меѓународната сцена. Кога ЕУ не говори едногласно, рече Калас, ја губи политичката тежина што би требало да ја има. Затоа е неопходно земјите-членки да се усогласат околу заедничката надворешна и безбедносна политика – нешто што ќе покаже дали ЕУ навистина ги дели истите вредности во конкурентниот геополитички свет.
Посебно се осврна и на предизвиците на Западен Балкан. Калас смета дека регионот може да напредува само ако се надминат придобивките и траумите од изминатите конфликти и ако се отвори простор за искрен разговор за злосторствата, историските неправди и идните односи меѓу заедниците. Таа оцени дека потребни се „мали, но реални чекори“ што ќе создадат услови државите да се свртат кон заедничка европска иднина. Европската унија, рече, е подготвена да помогне колку што е неопходно за да се премине преку минатото и да се зацрта патот кон стабилност.
Форумот „Заокружување на Унијата и зајакнување на нашата иднина“, организиран од еврокомесарката за проширување Марта Кос, има за цел да ја подигне дебатата за проширувањето на највисоко политичко, општествено и генерациско ниво. Ова прво издание доаѓа во момент кога проширувањето повторно добива тежина како клучен двигател на стабилноста, реформите и демократската трансформација низ Европа.
