Euronews Business поблиску ги разгледува правилата за дозволи за работа и просечните плати за странски студенти во Европа. Европа е една од најатрактивните дестинации за квалитетно образование и културна размена. Околу 1,76 милиони странски студенти доаѓаат во ЕУ за високо образование, што претставува 8,4% од вкупниот број студенти. При изборот каде да студираат, странските студенти земаат предвид многу фактори. Еден од најважните е дали можат да работат додека студираат.
Краткиот одговор е: да. Студентите запишани на универзитети можат да работат во 30 европски земји, вклучително и членките на ЕУ, Обединетото Кралство, Норвешка и Исланд. Во некои земји не е потребна работна дозвола, додека во други дозвола е потребна само за студенти од земји надвор од ЕУ/ЕЕА. „Одлуките на странските студенти да студираат и работат во европски земји се резултат на комплексна комбинација од фактори,” изјави Том Мисен, извршен директор на StudiesIn, за Euronews Business.
StudiesIn.com анализираше 30 европски дестинации според можностите за работа за странски студенти, условите за вработување, просечните часовни плати и потенцијалната месечна заработка. Истражувањето не ги вклучува трошоците за школарини, кои исто така можат да бидат значаен фактор. Во 14 од 30 земји, странските студенти не мораат да имаат работна дозвола. Тоа се: Обединетото Кралство, Франција, Ирска, Шведска, Финска, Португалија, Бугарија, Романија, Унгарија, Полска, Словачка, Естонија, Латвија и Литванија. Овие дестинации се особено привлечни за студентите кои сакаат веднаш да започнат со работа без дополнителна бирократија. Во Австрија, Белгија, Данска, Грција и Италија, работна дозвола е потребна само за студенти од земји надвор од ЕУ/ЕЕА. Во Чешка и Хрватска, не-ЕУ студенти може да имаат потреба од дозвола, во зависност од поединечни случаи. Во осум земји, меѓу кои Шпанија, Холандија, Словенија, Норвешка, Малта, Луксембург, Исланд и Кипар, работната дозвола е задолжителна за сите странски студенти. Четири од нив се релативно мали по број на население.
Во повеќето земји на листата, студентите смеат да работат до 20 часа неделно. Исклучоци се Луксембург (15 часа) и Холандија (16 часа). Во многу земји студентите можат да работат повеќе часови, па дури и со полн работен ден за време на летниот или академскиот одмор. Проценетите часовни плати се движат од €3,32 во Бугарија до €18 во Луксембург и €17–19 во Исланд. Во половина од земјите, платите се под €8. По Бугарија, најниски плати има во Унгарија (€4,19), Естонија (€4,30), Латвија (€4,47) и Словачка (€4,69). На повисокиот крај од скалата, после Луксембург и Исланд, се Норвешка (€16,86), Данска (€14,74), Холандија (€14,40) и Обединетото Кралство (€14,09), сите со плати над €14 по час.
Според StudiesIn.com, врз основа на максималниот дозволен број на часови неделно и просечната плата, студентите во Велика Британија може да заработат до £977 (€1.127) месечно. Во Германија и Шпанија, таа бројка е околу €1.111. Во Франција, странските студенти може да заработат до €900 месечно, додека во Италија меѓу €600 и €750.
„Трошоците за живот и школарините често се главни фактори при изборот, особено за оние што бараат достапни опции без да жртвуваат квалитет,“ објаснува Том Мисен. Тој додава дека земји со реномирани универзитети како Велика Британија, Германија и Холандија природно привлекуваат студенти фокусирани на академска извонредност и меѓународно признание. Но практични аспекти како можноста за работа и поволните услови за имиграција по студии се исто толку важни, бидејќи студентите сакаат лесен премин од образование кон вработување. Културната компатибилност и достапноста на англиски јазик исто така играат улога, со растечка тенденција за избор на земји што нудат програми на англиски и инклузивна средина. За студентите од соседни региони, блискоста со татковината е значаен фактор, додека безбедноста, квалитетот на животот и социјалните услуги ја зголемуваат атрактивноста. Студентите ги балансираат овие фактори според своите финансиски можности, кариерни цели и лични преференци, што доведува до внимателен и комплексен процес на одлучување.
Според Евростат, учеството на странски студенти во високообразовниот систем на Европа во 2023 година изнесувало просечно 8,4%. Луксембург имал највисок процент – 52,3% од студентите таму биле странци. Потоа следуваат Малта (29,6%) и Кипар (22,3%). Најниски удели имаат Грција (3,0%), Хрватска (3,7%) и Шпанија (4,3%). Според апсолутниот број на странски студенти, Велика Британија е водечка со 732.285 странски студенти во академската 2023/24 година, што е 23% од вкупниот број студенти. Во рамки на ЕУ, Германија има најмногу странски студенти – над 420.000, следена од Франција (276.000), Италија (106.000) и Шпанија (102.000).