Најголем удел во вкупниот авио-сообраќај има Air Serbia, која во периодот од јануари до јуни 2025 година превезе 2.005.121 патник, што е за 7 проценти повеќе во однос на 2024 година. Според достапните податоци, бројот на летови исто така се зголемил во сличен процентуален износ. Иако авиокомпанијата не објави официјални податоци за просечната пополнетост на авионите, таа се проценува на помеѓу 78 и 80 проценти, според расположливиот капацитет на седишта. Air Serbia веќе во 2023 година ги надмина предковид резултатите, а за тековната година амбицијата е да достигне 4,7 милиони патници, односно раст од 6 проценти.
На второ место по број на превезени патници е Croatia Airlines, која во првата половина на 2025 година регистрира 851.983 патници, што претставува раст од 4,6 проценти во споредба со 2024. Сепак, овој број и понатаму заостанува зад пред-пандемиското ниво од 2019 година, кога компанијата во истиот период имаше 960.620 патници – што е заостанување од 11,3 проценти. Според статистиката, 624.099 патници биле превезени на меѓународни линии, 214.546 на домашни, а 13.338 на чартер летови. Кабинскиот фактор на пополнетост изнесува 63,5 проценти, што е зголемување за 1,2 поени во споредба со 2024, но сепак за 7,6 поени помалку од 2019. Croatia Airlines најмногу капацитет понудила на рутите Загреб – Дубровник (162.155 седишта), Загреб – Франкфурт (152.399) и Загреб – Сплит (147.839). Бројот на летови останал ист како и лани.
Air Montenegro, најмалата од трите компании, во првите шест месеци од 2025 година превезе 207.661 патник, што е раст од 8,7 проценти во споредба со истиот период минатата година. Иако не се објавени официјални податоци за пополнетоста, проценките велат дека таа изнесува 76,9 проценти, врз основа на расположливиот капацитет на седишта. Најголем број седишта биле понудени на линијата Подгорица – Белград (74.704), потоа Тиват – Белград (49.068) и Тиват – Истанбул (42.224).
Овие резултати покажуваат стабилно закрепнување на регионалната авио-индустрија, иако предизвиците како пополнетоста на летовите, конкуренцијата од нискобуџетни превозници и сезоналните флуктуации остануваат клучни фактори за идниот развој.
Националните авиопревозници од поранешна Југославија остануваат важни чинители во регионалниот воздушен сообраќај, особено во поврзувањето на главните градови со европски и регионални дестинации. Со планираното зголемување на флотите, проширување на мрежите и иницијативи за подобрување на услугите, 2025 година ветува да биде клучна во обновата на нивната позиција во поширокиот европски авио-сектор.