Ексклузивно интервју со бендот кој ќе настапи на 29 јуни на Скопје Колинг, Стадион на АРМ

Joker Out: Ги сакаме македонците, македонската храна и концертите – едноставно мораме постојано да се враќаме!

Словенскиот бенд Joker Out, познат по нивната енергија, искреност и „shagadelic“ стил, повторно доаѓа во Скопје! На 29 јуни тие ќе настапат на стадионот на АРМ во рамки на фестивалот Skopje Calling, а ние имавме ексклузивна можност да поразговараме со нив пред настапот. Што велат за македонската публика, нивниот развој по Евровизија и кој им е омилен балкански бенд – прочитајте подолу:

ТРН: Ова е вaш четврт пат во Скопје – што ве враќа назад и што најмногу ви се допаѓа кај македонската публика?
Joker Out: Ова всушност ни е четврти пат во Македонија! Трет пат сме во Скопје, но имаме настапувано и во Дојран. Македонија е прекрасна земја со неверојатни пејсажи (барем она што сме го виделе возејќи низ неа) и со најтопли луѓе кои секогаш нè пречекуваат со отворени раце. Затоа постојано ни се враќа желбата да дојдеме повторно.

ТРН: Имате ли омилени места, јадења или моменти од минатиот пат што ве натераа да се вратите?
Joker Out: Апсолутно! Ја обожаваме македонската кујна! Не го знаеме името на јадењето, но минатиот пат бевме воодушевени од некои пржени пиперки полнети со сирење. Вашата храна има толку екзотични и пикантни вкусови што не можеме да ја заборавиме. А најубавите спомени ни се токму од концертите и рестораните.

ТРН: Како Евровизија ве обликуваше како уметници и како бенд?
Joker Out: Евровизија е интензивно и напорно искуство, па со сè што следеше по неа, се зближивме како бенд. Научивме да се потпираме еден на друг и да си помагаме во тешки моменти. Како уметници, сакавме да продолжиме понатаму и да се развиваме на ново ниво.

ТРН: Како се променил вашиот звук од почетокот? Се движите ли кон повеќе меѓународен правец?
Joker Out: Нашите албуми го покажуваат тој развој – првиот беше само на словенечки, вториот имаше и српски, а третиот и англиски песни. Но, ние секогаш сме црпеле инспирација од големи меѓународни артисти, истовремено задржувајќи ја нашата автентична словенечка изразност. Наместо да се движиме кон меѓународен звук, ние го носиме словенечкиот звук на светската сцена.

ТРН: Како изгледа вашиот процес на создавање музика – дали е колаборативен или некој член води?
Joker Out: Сè повеќе е заеднички процес. Со секој нов албум имаме повеќе песни што се родиле од џем сесии. Понекогаш, природно, некој доаѓа со идеја, но музиката е тимски процес – еден ден еден води, следниот некој друг.

ТРН: Вашите песни звучат и носталгично и свежо. Кои ви се најголемите музички влијанија?
Joker Out: Почнавме како обожаватели на словенечки бендови како Siddharta, Big Foot Mama и Dan D. Потоа откривме The Beatles, Oasis, Arctic Monkeys, а за последниот албум многу нè инспирираа југословенски бендови како Bijelo Dugme и Plavi Orkestar.

ТРН: Пеете и на словенечки и на англиски – како одлучувате кој јазик е за која песна?
Joker Out: Песната сама ни кажува. Секој јазик е како различен инструмент – понекогаш сакате да „свирате“ со еден, понекогаш со друг. Зависи од моменталната инспирација.

ТРН: Толку време сте заедно на турнеја – како ја одржувате хемијата во бендот? Имате ли ритуали или внатрешни шеги?
Joker Out: Имаме многу внатрешни шеги (ама не смееме да ги откриеме 😊). Имаме краток предконцертен ритуал за синхронизирање. Но најважно е да се почитуваме, да не сфаќаме сè премногу сериозно и да знаеме дека сè што правиме е за поголемо добро.

ТРН: Како би се опишале Joker Out во три збора, од перспектива на некој од страна?
Joker Out: Гласни, Чисти, Шагаделични

ТРН: Што следува за Joker Out по турнејата – нова музика, фестивали, соработки?
Joker Out: Само што го најавивме Карневалот по повод нашата 10-годишнина, кој ќе се одржи на 20 јуни 2026 во Љубљана – нашето најголемо шоу досега! Работиме и на нова музика која ќе излезе во втората половина од оваа година, така што – нема летна пауза за нас!

ТРН: Ако сега би можеле да соработувате со некој балкански артист, кој би бил тоа?
Joker Out: Buč Kesidi!

ТРН: И за крај – каква порака би им испратиле на македонските фанови пред концертот?
Joker Out: Загрејте ги колковите и гласните жици! Носиме свеж словенечки летен ветер што ќе ве однесе од земја!

Не ги пропуштајте Joker Out во живо на Skopje Calling – 29 јуни, Стадион на АРМ.
Очекувајте вечер исполнета со љубов, енергија и „shagadelic“ ритам!

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни