9 од 10 млади незадоволни од јавниот превоз во Скопје

Онлајн анкетата на Трн, спроведена меѓу 914 млади, покажува масовно незадоволство од доцнења, гужви и недоволен ноќен превоз.

Јавниот превоз во Скопје формално е јавна услуга, но во секојдневието на младите сè почесто не функционира. Анкета на Трн, спроведена меѓу 914 млади, покажува дека дури 91,2 проценти не се или се само делумно задоволни од јавниот превоз. Одвај 8,9 проценти сметаат дека тој целосно им ги задоволува потребите.

Ова не е анкета за удобност. Ова е анкета за пристап до образование, време, работа и можности. Кога речиси цела една генерација сигнализира дека системот не функционира, станува јасно дека проблемот одамна ја надминал рамката на индивидуално незадоволство

Трн направи анкета која не за комфорот на младите, туку за дијагноза на проблемот. Кога 9 од 10 млади велат дека јавниот превоз не им функционира, тоа не е перцепција,  тоа е секојдневие. Автобусот во Скопје одамна не е средство за мобилност, туку тест за трпение, време и нерви

Во анкетата која ја направивме, 80 проценти од испитаниците редовно користат јавен превоз и за нив тој е примарно средство за одење на факултет или на работа. Во Скопје, град со растечки кирии и ограничен број на студентски домови, јавниот превоз за многу млади е дел од основната инфраструктура што им овозможува пристап до образование и работа. Секое доцнење, прескокната линија или преполн автобус директно се одразува врз нивниот академски, училишен и работен ден.

Проблемите што ги наведуваат младите, како доцнење, гужви, непочитување на возниот ред и недоволен капацитет, не се нови. Ново е тоа што сега постојат бројки што покажуваат колку тие проблеми се масовни. Кога мнозинството испитаници одговараат дека проблемот е „сè од наведеното“, тоа ни укажува на систем што не потфрла во една точка, туку на повеќе нивоа.

Особено загрижувачки се податоците за ноќниот превоз. Околу 60 проценти од младите сметаат дека ноќни линии речиси и да нема, а повеќе од една третина велат дека се недоволни. Само мал дел ги оценуваат автобуските линии како функционални. Во пракса, тоа значи дека живееме во град во кој после 23 часот превозот станува тешко достапен за младите. За дел од нив, алтернатива останува само скап такси превоз или откажување од активности.

Сето ова покажува дека ноќниот превоз сè уште не се третира како составен дел од функционална урбана инфраструктура.

За дел од младите, јавниот превоз е повеќе казна отколку услуга

Во отворените, анонимни коментари младите не зборуваат со јазик на статистика, туку од искуство. Тие опишуваат автобуси што не доаѓаат, линии што „исчезнуваат“ од распоредот и апликации што најавуваат пристигнување за неколку минути, но често не го потврдуваат тоа во пракса.

Голем дел од коментарите упатуваат на системска нефункционалност: недоволен број автобуси, стари и валкани возила, неточни информации и неконзистентен однос на возачите и контролорите. Дел од младите укажуваат и на отсуство на јасен канал за поплаки и информации. За некои, проблемот оди и чекор подалеку. Тие го посочуваат отежнатото или невозможно вадење и продолжување на бесплатните картички за ученици и студенти, особено во одредени периоди од годината. Наместо олеснување, правото на бесплатен превоз често се доживува како уште една административна пречка, со редици, нефункционални системи и нејасни процедури.

Во дел од изјавите јавниот превоз се посочува и како поширок урбан проблем. Лошата организација, според младите, придонесува за сообраќаен хаос и намалена функционалност на градот. Дел од коментарите укажуваат и на отсуство на долгорочно планирање, линии што не ја следат густината на населението, недоволна фреквенција во шпиц и возен ред што постои повеќе на хартија отколку во реалноста.

Во дел од коментарите се отвора и прашањето за безбедноста. Некои млади, особено девојки, споделуваат искуства со непосакувани допири во преполни автобуси, недолична комуникација и чувство на несигурност. Дел од нив укажуваат и на неконзистентна реакција од персоналот во такви ситуации. Во такви услови, јавниот превоз за нив не е само нефункционален, туку и простор во кој не секогаш се чувствуваат безбедно.

Кога нефункционалноста станува секојдневие за младите

Она што произлегува од анкетата и коментарите не е збир на изолирани поплаки, туку повторлив образец. Јавниот превоз во Скопје со години функционира со недостиг од автобуси, несоодветен капацитет, слаба координација и нефункционални дигитални алатки. Најмногу ги погодува оние што најмногу зависат од системот.

Во меѓувреме, политичките гарнитури се менуваат. Се менуваат директори, се најавуваат реформи, се ветуваат нови автобуси и подобри линии. Но за младите, искуството останува слично. Тие и понатаму излегуваат порано „за секој случај“, чекаат без сигурност дали автобусот ќе дојде и трошат дополнителни пари за да компензираат систем што не функционира.

Јавниот превоз често се третира како техничко прашање, низ број на автобуси, тендери и субвенции. Но кога 9 од 10 млади велат дека системот не им функционира, тоа веќе не е само техничко, туку и општествено прашање. Тоа отвора дилема за тоа каков град се гради и за кого.

Политичарите ќе продолжат да се менуваат. Но додека јавниот превоз не се третира како клучна јавна инфраструктура, а не како проблем што се решава од криза до криза, незадоволството кај младите ќе остане. Прашањето не е дали ќе има поплаки, туку колку долго градот може да си дозволи да ги игнорира последиците од систем што не функционира секојдневно.

Инвестицијата во јавен превоз е инвестиција во еднаквост. Кога системот не функционира, најмногу губат оние што немаат автомобил, немаат пари за такси и немаат алтернатива. За младите, јавниот превоз одамна е мерка за тоа дали градот им овозможува реални можности или само формално постои за нив.

Јавниот превоз во Скопје формално постои, но во секојдневието на младите најчесто не функционира. Овие бројки не кажуваат колку се лути младите, туку колку системот доцни со решенија, баш како автобусите што ги чекаат младите.

Анкетата беше спроведена преку оналјан прашалник кои беше доставен до различни младински онлајн групи и инстаграм канали, со помош на информативната Инстаграм платформата Студентарија.мк.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни