Јапонија се соочува со рекорден број смртоносни напади од мечки

Национална тревога поради сè почести судири меѓу луѓето и дивите животни

Јапонија се соочува со најсмртоносниот бран напади од мечки досега, а на првата линија на одбрана се луѓе како Харуо Икегами. Секое утро, 76-годишниот ловец ја облекува својата јакна, влегува во комбе со натпис „патролa против мечки“ и тргнува во обиколка на својот мал град на островот Хокаидо. Во кариера долга повеќе од 40 години, тој застрелал десетици мечки и денес се смета за клучна фигура за опстанокот на локалната заедница, пренесува CNN.

Оваа година во Јапонија во напади од мечки загинале најмалку 13 лица, додека повеќе од 200 се повредени. На социјалните мрежи кружат видеа од мечки како пребаруваат по полиците во супермаркети, шетаат низ училишни дворови и берат овошје во приградските населби. Дел од училиштата се привремено затворени, а жителите на северот од земјата избегнуваат излегување по мрак.

Кризата предизвика национална тревога. Јапонскиот министер за одбрана распореди армиски единици во најпогодените региони, додека амбасадите на САД и Велика Британија издадоа предупредувања за патниците во руралните подрачја. За ловците, состојбата е истовремено застрашувачка и очекувана. „Сега едноставно има премногу мечки. Ова е вонредна состојба“, вели Икегами.

Причините за сè почестите напади се повеќеслојни. Еден од главните фактори е драматичниот пораст на популацијата на кафеави мечки на Хокаидо, роднини на гризлите, кои можат да пораснат и до два метра. Нивниот број во последните 30 години повеќе од двојно се зголемил и денес изнесува речиси 12.000 единки. Покрај нив, и азиската црна мечка, иако помала, е одговорна за повеќе смртоносни напади.

Стручњаците укажуваат дека климатските промени се дополнителен фактор. Лошите приноси на ореви и шумски плодови ги принудуваат мечките да ја бараат храната поблиску до човечките населби. „Верувам дека мечките се приближуваат до селата и градовите затоа што мораат да најдат храна“, вели конзерваторот за мечки Хироo Таматани.

Ситуацијата дополнително ја влошуваат и демографските промени. Руралните подрачја во Јапонија се празнат, а напуштените земјоделски површини, кои некогаш служеле како тампон-зона меѓу шумата и населбите, денес стануваат ново живеалиште за мечките.

Како што мечките се приближуваат, линијата на одбрана станува сè потенка. Јапонија се соочува со драстичен пад на бројот на лиценцирани ловци, кои воедно се и сè повозрасни. Мал е бројот на млади луѓе подготвени да ја преземат оваа опасна и слабо платена работа.

„Да ја сфатеше Владата оваа ситуација посериозно порано, немаше да дојдеме до ова“, вели 37-годишниот ловец Ацуши Канo. „Бесмислено е што реагираат дури сега, кога состојбата веќе ескалираше.“ Колку овие средби можат да бидат опасни од прва рака знае и 84-годишниот ловец Кацуо Харада, кој пред повеќе од 20 години преживеал напад од мечка. „Испалив два куршума, но мечката не застана. Се качи врз мене, ми ја извади пушката од рацете и ме касна за главата“, раскажува тој. „Окото и увото ми висеа.“ Животот го спасил така што ѝ ја турнал раката во грлото. Денес ја чува черепот на мечката како потсетник колку брзо можат да се заменат улогите на ловец и плен.

Актуелниот одговор на јапонските власти е отстрел, но отпорот кон ваквиот пристап сè повеќе расте. Додека Икегами редовно добива гневни повици со апели да не ги убива мечките, тој смета дека тоа е неопходно. „Додека живееме тука, едноставно не можеме да коегзистираме. Нашите животи се драгоцени“, вели тој.

Од друга страна, конзерваторите предупредуваат на масовен отстрел. „Наместо да ги убиеме сите, треба да ги идентификуваме оние што создаваат проблеми и со нив поединечно да се справиме“, вели Таматани, директор на непрофитната организација „Пикио“. Нивната организација користи кучиња за да ги истера мечките од населбите и се залага за садење дрвја што им служат како храна подалеку од градовите.

Сличен став има и будистичкиот монах Тоуген Јошихара, кој во мај преживеал напад благодарение на својот пес. „Луѓето и животните долго време живееле едни покрај други. Понекогаш си нанесувале штета, но мораме меѓусебно да се почитуваме и признаваме“, вели тој. Сепак, и тој денес носи нож кога оди во прошетка низ шумата.

Јапонија се наоѓа на крстопат – растргната меѓу стравот и желбата за соживот со мечките, кои се клучен дел од екосистемот. Додека не се најде долгорочно решение, цената, се чини, ќе ја плаќаат и луѓето и животните.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни