Најмалку 35 лица загинаа, а речиси 400 се повредени во силното невреме предизвикано од обилни снежни врнежи што во изминатите две недели го зафатија северниот дел на Јапонија, соопшти денес јапонската влада.
Невремето погодило вкупно 15 префектури, а во најтешко погодените подрачја снежната покривка достигнала и до два метра, јавуваат јапонските медиуми, повикувајќи се на официјални податоци и информации од локалните власти.
Најголем број смртни случаи се регистрирани во префектурата Ниигата, каде загинале најмалку 12 лица. Меѓу жртвите има маж во педесеттите години, пронајден мртов на покрив од куќа, како и повозрасен маж кој загинал откако се лизнал и паднал додека чистел снег во градот Нагаока.
Властите предупредуваат дека голем дел од несреќите се случиле токму за време на чистење на снег од покриви и дворови, активност што во снежните региони на Јапонија е секојдневна, но исклучително ризична при вакви екстремни услови.
Јапонската влада апелира до граѓаните да избегнуваат непотребно изложување на опасност, особено повозрасните лица, и да ги следат упатствата на локалните служби. Во меѓувреме, спасувачките и комуналните екипи продолжуваат со расчистување на патиштата и обезбедување на критичната инфраструктура во погодените региони.
