Земјата каде што снегот се мери во метри, а наносите ги надминуваат куќите

Јапонија важи за најснежната земја во светот, благодарение на редок спој од клима, море и планински релјеф.

Иако често се поврзува со напредна технологија и урбана култура, Јапонија е и најснежната земја во светот. Според податоци на AccuWeather, дури три јапонски града со над 100.000 жители се наоѓаат на врвот на светската листа по количина на годишни снежни врнежи – далеку пред Канада, Русија или Норвешка.

Најекстремен пример е Аомори, град кој се смета за најснежниот на планетата. Во главниот град на префектурата Аомори, на најголемиот јапонски остров Хоншу, просечно паѓаат околу 7,9 метри снег годишно. Од ноември до април, улиците се опкружени со високи ѕидови од снег и мраз, кои стануваат сè повисоки со секое расчистување на патиштата.

Со слични предизвици секоја зима се соочува и Сапоро, најголемиот град на островот Хокаидо. Таму во просек паѓаат 4,85 метри снег годишно, што не е случајно причина токму овој град да биде домаќин на познатиот зимски фестивал Yuki Matsuri, на кој се изложуваат монументални скулптури од снег и мраз.

Големи количини снег паѓаат и во Тоjама, град на брегот на Јапонското Море, каде што просекот изнесува околу 3,6 метри снег годишно.

Метеоролозите објаснуваат дека обилните снежни врнежи во Јапонија се резултат на уникатен спој од климатски фактори. Во текот на зимата, студениот воздух од Сибир се движи кон исток и минува над Јапонското Море. Бидејќи морето е потопло од воздухот, се создаваат облаци богати со влага, кои при судир со јапонските планини нагло се ладат, а влагата се претвора во густ снег. Во некои региони, снегот може да паѓа со денови без прекин.

Покрај тоа, Јапонија го држи и светскиот рекорд за најголема измерена снежна длабочина. На планината Ибуки, во февруари 1927 година, биле измерени 11,82 метри снег – рекорд што не е надминат речиси еден век.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни