„Победуваат оние што настапуваат организирано“: Јаневски од Копаоник со порака за инвестиции и стратегија

Претседателот на УО на ВВ „Тиквеш“ порача дека дисциплината, континуираните вложувања и јасната визија се темел на конкурентна винска индустрија во регионот.

Организиран настап на пазарот, јасна стратегија за иднината и континуирани инвестиции во примарното производство се клучните предуслови за одржлив раст и конкурентност на винската индустрија во регионот. Оваа порака ја испрати претседателот на Управниот одбор на винарската визба „Тиквеш“, Светозар Јаневски, на годинашното издание на Копаоник бизнис форум – еден од најзначајните економски настани во регионот со повеќедецениска традиција.

Јаневски, кој ја предводи компанијата најголем производител на вино во Македонија и еден од водечките во Југоисточна Европа, во разговор со Радојка Николиќ, главна и одговорна уредничка на Magazinabiznis.rs, истакна дека долгорочните резултати не се прашање на случајност, туку се резултат на дисциплина во планирањето, доследност во реализацијата и постојано унапредување на процесите.

„Победуваат оние што настапуваат организирано на пазарот. Ако не сте со став дека мора да победите, тогаш и ќе изгубите. За да го постигнете тоа неопходен е континуитет во развојот и оперативна прецизност, бидејќи квалитетот на финалниот производ зависи од одлуките што се носат во лозјето, во визбата и од стандардите што компанијата ги применува од година во година. Континуираното инвестирање и воведувањето на нови иновативни технологии е основа за долгорочен раст. Нашиот успех не е случаен – во последните години, само во земјоделството се инвестирани 1,2 милијарди евра, податок кој говори за обемот на вложувањата што ја следи амбицијата за организиран настап на пазарот, со јасни цели и мерливи резултати“, порача Јаневски.

Во рамки на панел-дискусијата се отвори и прашањето за пошироката слика на индустријата на пијалаци, инвестициите во примарното производство и пазарната конкуренција. Осврнувајќи се на искуството на „Тиквеш“ во подобрување на свежината на вината и намалување на киселоста, Јаневски нагласи дека тоа е резултат на повеќегодишна работа, учење преку практика и развој на сопствени процеси.

Копаоник бизнис форум повеќе од три децении претставува една од најрелевантните економски платформи во регионот. Форумот овозможува дијалог меѓу креаторите на економските политики, бизнис-заедницата и експертската јавност, со фокус на подобрување на економските перформанси, индустрискиот развој, регионалната интеграција и одржливите модели на раст.

Годинава форумот обедини над 1.500 учесници, меѓу кои шефови на држави, премиери, министри, претставници на меѓународни финансиски институции, регулатори, дипломати, научници и компании од регионот и пошироко. Преку бројни панели се дебатираше за теми од областа на економијата и бизнисот, индустриската политика, дигиталната трансформација и вештачката интелигенција, енергетиката, инфраструктурата, финансиите, ESG-стандардите, циркуларната економија, образованието, здравството и климатските промени.

Учеството на Јаневски, како и долгогодишната поддршка на „Тиквеш“ на форумот, ја потврдува активната улога на компанијата во регионалниот економски дијалог и нејзината определба за стратешки и одржлив развој. Лидерската позиција на „Тиквеш“ во Македонија и пошироко во регионот, како што беше истакнато, се темели на иновации, дигитализација, примена на алатки базирани на вештачка интелигенција и зелени технологии.

Винарската визба „Тиквеш“ континуирано инвестира во современи практики за производство на грозје и вино, користејќи ја експертизата на реномирани стручњаци од Франција, Италија и Словенија, со цел понатамошно зајакнување на конкурентноста и долгорочната визија за развој на винската индустрија во регионот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни