На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје денеска ќе се одржи јавна дебата за предлог-законот за високо образование. Министерката Весна Јаневска ќе дојде во средина која веќе јасно ставила до знаење дека со законот не е задоволна.
Претседателката на Независниот академски синдикат, професорката Маја Стевановиќ, однапред ги посочи главните проблеми. Барањата за објавување трудови во базата Web of Science, која се фаворизира со новите измени, чинат меѓу 2.000 и 3.000 евра по труд. „Тоа значи дека тој што има пари може да стане професор, а оној што нема — ќе треба кариерата да ја бара на друго место”, вели таа.
Универзитетскиот професор Ненад Марковиќ пак предупредува дека државата ризикува да остане без академски подмладок. За некои дисциплини, особено во општествените и хуманистичките науки, барањата за Web of Science се едноставно нереални. „Законот е измислен да поттикнува brain drain”, е неговата оценка.
И покрај сите овие критики, Јаневска однапред испратила јасна порака: законот нема да биде повлечен. Дебатата денеска во 14:00 часот ветува дека ќе биде жешка.