Македонската музичка сцена добива има силен глас, или поточно, нов силен ритам. Јан Стефановски, младиот бубњар кој веќе две децении живее со тапаните и создава звук што станува негова лична идентификација. Неговиот музички пат започнува рано, а љубовта кон инструментот се раѓа во домот – таму каде што и талентот и страста имаат свое вистинско место.
Првата средба со тапаните
„Првата средба со тапани што ја имав беше кога бев дете и кога ги гледав пробите на татко ми во домашното студио,“ раскажува Јан. „Тогаш всушност воочив што е инструментот и беше љубов на прв поглед.“
Она што за многумина е само бучен инструмент, за него уште како дете станало животна определба.
„Сфатив дека тоа ќе биде мојот инструмент и дека со тоа ќе се занимавам до крај на животот. Некој вид привлечност се деси што беше незаменлива,“ додава тој.

15 години подоцна: Кој жанр го дефинира?
Иако љубовта започнува со рокенролот, денешниот Јан е значително поширок од една етикета.
„Би се дефинирал најмногу како рок бубњар,“ вели тој. „Но пред неполни два месеци дипломирав на Џез академијата во Штип… Свирам и џез, и фјужн, и етно, рок, поп – све. Тоа ме прави поприлагодлив во било која ситуација.“
Комбинацијата на академски пристап, семејна традиција и лично барање создава музичар што лесно може да премине од едно музичко сценарио во друго – без да ја изгуби сопствената препознатливост.
Јан е дел од новата генерација музичари кои ја оживуваат алтернативната рок сцена во Македонија.
„Младата рок алтернативна сцена е добра и жива,“ истакнува тој. „Среќен сум што има поединци и колективи кои работат да ја одржат и да ја промовираат. Но некогаш е потешко, бидејќи сите знаеме што преовладува од музика низ регионот.“
И покрај предизвиците, тој верува во нејзиниот раст: „Мисијата трае, и се надевам ќе заврши со среќен крај.“
Личниот звук..
Иако многумина на негова возраст веќе компонираат, Јан својата мисија ја гледа поинаку.
„Во мене сè уште се нема појавено таа композиторска жичка,“ вели тој со искреност ретка за млади уметници. „Оставам простор во иднина тоа да се случи. Засега активно работам да сум сè подобар на тапани, бидејќи тоа најмногу ме исполнува.“
Минатите месеци за него биле повеќе од динамични.
„Пред неколку дена се вратив од турнеа со Фанг Шуи – бевме во Љубљана, Риека, Загреб. Пројде супер,“ вели Јан. На ПИН Мјузик Конференс ќе настапи двапати:
„Еден ден со Фикшн, другиот со една група другари – неформален бенд, ама силен.“
Во декември следат концерти и со неговиот татко, што за него е посебна чест.

Музички идоли
„Кога започнав, мојот идол беше Џеф Поркаро од Тото,“ открива Јан. „Сфатив дека тој го дефинирал модерниот поп-рок звук. До ден денес ми е икона.“
И покрај тоа што расте во едно од најзначајните музички семејства во земјата, Јан со скромност вели:
„Татко ми е татко ми. Чичко ми, Бог да го прости, беше чичко ми. Не ги гледав како великани додека не ја открив музиката. Дури кога просвирев со татко ми сфатив колку придонеле за македонската култура.“
Приказната за Јан е приказна за млад музичар кој веќе создава сериозен траг. А ако го слушнете еднаш – знаете дека тоа е звук кој допрва ќе расте.
