Израел мора итно да овозможи испорака на шатори и камиони во Појасот Газа, изјави специјалниот известувач на Обединетите нации за правото на соодветно домување, Балакришнан Раџагопал, предупредувајќи дека раселените Палестинци кои се враќаат во северниот дел од разурнатата енклава се соочуваат со целосно уништување на нивните домови и населби.
„Луѓето таму не наоѓаат ништо освен урнатини во областите од каде што израелските сили се повлекоа“, рече Раџагопал во интервју за Ал Џазира во саботата.
„Психолошките последици и траумите се длабоки и тоа токму сега го гледаме кога луѓето се враќаат на северот од Газа“, додаде тој.
Десетици илјади Палестинци почнаа да се враќаат во северниот дел на Газа по повлекувањето на израелските сили во петокот, согласно прекинот на огнот помеѓу Израел и Хамас, со што привремено заврши двегодишната војна.
Жителите низ цела Газа ја поздравија паузата во израелските напади, кои од октомври 2023 година усмртија повеќе од 67.700 лица и предизвикаа тешка хуманитарна катастрофа.
Според проценките на Обединетите нации, дури 92 отсто од сите станбени објекти во Газа се оштетени или целосно уништени од почетокот на војната, додека стотици илјади раселени лица се принудени да живеат во шатори и привремени засолништа.
Раџагопал потсети дека шатори и конвои требаше да бидат доставени уште во текот на претходниот прекин на огнот на почетокот на годината, но „речиси ниеден“ конвој не стигнал до Газа поради израелската блокада.
„Токму тоа е суштината на проблемот. Дури ни основната хуманитарна помош не може да стигне до народот на Газа додека Израел ја контролира целата влезна точка. Тоа мора да се промени“, истакна Раџагопал.
Тој го употреби терминот „домицида“ за да го опише масовното уништување на домовите во Газа, нагласувајќи дека разурнувањето на станбените објекти е „централен елемент на израелскиот геноцид врз Палестинците“.
„Уништувањето на домовите, протерувањето на луѓето и правењето на областите ненаселиви е еден од главните начини на којшто е извршен геноцидот“, рече Раџагопал, додавајќи дека опоравувањето ќе трае генерации.
„Ова е како нова Накба“, рече тој alудирајќи на масовното протерување на Палестинците за време на создавањето на државата Израел во 1948 година. „Она што се случи во последните две години ќе остане запаметено како нешто слично“.