Изведувачот ја повлече целата механизација од Кожув и Дошница – еко активистите слават победа

Фирмата „Ј.Е.С ДООЕЛ“, задолжена за изградба на мини хидроелектрани на реката Дошница на Кожуф планина, денеска ја повлече целата механизација од терен.

По делумното заминување минатиот месец, утрово беа отстранети и последните машини, што жителите и активистите го означија како спас на реката и голема победа на нивната упорност.

„Прво повлекоа багер, потоа камион, три возила, а денеска и уште еден камион ја напушти локацијата“, изјави Марина Томова од „ChangeMakers4All“.

Еко активистите сметаат дека токму заедништвото и 72-дневната блокада на пристапниот пат кон планината го принудиле изведувачот да се откаже од активностите. Интересно е што целосното повлекување доаѓа непосредно пред локалните избори.

Активистите најавуваат дека борбата продолжува на правен план, со цел конечно укинување на концесијата. Тие се подготвени и за протести во Скопје пред Министерството за животна средина, доколку по изборите се појават обиди за обновување на проектот за мали хидроелектрани.

Дошница е една од најчистите реки во земјата, сместена во регион богат со ендемски видови и висока биолошка разновидност. Во јуни годинава, инспектор од Државниот инспекторат за животна средина утврди дека инвеститорот незаконски сечел дрвја во речното корито, по што беше изречена забрана за сеча сè додека не се обезбеди дозвола или согласност од Министерството.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни