Најмалку петмина убиени во напад врз Газа, ИДФ тврди дека е ликвидиран висок командант на Хамас

Хамас го нарече нападот „очигледно кршење“ на договорот за прекин на огнот
Photo: DAWOUD ABU ALKAS / REUTERS

Најмалку пет лица се убиени, а повеќе од 25 се ранети во израелски воздушен напад врз Појасот Газа, соопштија локални здравствени извори. Израелската армија соопшти дека во нападот бил ликвидиран високорангран командант на Хамас, кој работел на обновување на воените капацитети и производството на оружје на палестинската милитантна организација.

Израелските медиуми Times of Israel и ynet објавија дека цел на нападот бил Раед Саед, висок командант на Хамас. Според нивните наводи, Саед бил еден од главните планери на нападот од 7 октомври 2023 година врз јужен Израел, во кој беа убиени околу 1.200 луѓе, а повеќе од 250 лица беа киднапирани и одведени во Газа.

Извор од итните служби во Газа изјави дека покрај загинатите, во нападот има и десетици повредени, од кои дел се во тешка состојба.

Хамас реагираше со тврдење дека нападот претставува „очигледно кршење“ на договорот за прекин на огнот во Газа, постигнат со посредство на Соединетите Американски Држави и стапен на сила во октомври годинава.

„Овој злостор повторно потврдува дека окупацијата намерно се обидува да го поткопа и саботира договорот за прекин на огнот преку континуирана и ескалирачка практика на прекршувања“, соопшти Хамас во изјава објавена на Телеграм, а пренесена од Al Jazeera.

Организацијата ги повика посредниците и земјите гаранти на договорот итно да преземат мерки „за да го спречат Израел“, за кој, како што наведуваат, „не ги почитува своите обврски и настојува да го уништи договорот за прекин на огнот“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни