Израел започна воена операција за преземање на Газа Сити

Израелската армија објави дека ги започнала првите чекори од операцијата за преземање на Газа Сити, еден од најголемите урбани центри во појасот Газа.

Војската мобилизираше десетици илјади резервисти, додека владата разгледува нов предлог за примирје во војната што трае речиси две години.

„Ги започнавме првичните операции и првите фази од нападот врз Газа Сити, а нашите сили веќе се наоѓаат на неговите периферии,“ изјави портпаролот на израелската армија, бригаден генерал Ефи Дефрин. Тој нагласи дека Хамас веќе е „ослабена герилска сила“ и најави продлабочување на нападот врз нивните упоришта.

Премиерот Бенјамин Нетанјаху ја забрза операцијата по новите судири меѓу израелските сили и борците на Хамас кај Кан Јунис. Во нападот беа ранети тројца израелски војници, а Хамас соопшти дека неговите борци нападнале израелска единица со оружје и противтенковски ракети, при што еден милитант се самопожртвувал.

Меѓународната заедница изразува загриженост дека евентуалното влегување во Газа Сити ќе предизвика нови масовни цивилни жртви и раселувања. Израелските власти тврдат дека ќе обезбедат евакуација на населението пред почетокот на офанзивата, додека во Ерусалимската Латинска патријаршија пристигнале информации дека некои соседства во близина на единствената католичка црква во Газа веќе добиле известувања за напуштање.

Војната започна на 7 октомври 2023 година, по нападот на Хамас во јужен Израел, во кој беа убиени околу 1.200 луѓе и киднапирани 251 заложник. Според здравствените власти во Газа, од тогаш досега војната однела повеќе од 62.000 животи, најголем дел жени и деца.

Хамас прифатил 60-дневно примирје предложено од арапските посредници, кое би вклучувало размена на заложници и затвореници. Израелската влада засега ја разгледува понудата, инсистирајќи сите преостанати заложници – за кои верува дека 20 се сè уште живи – да бидат ослободени одеднаш.

И додека сојузниците ја повикуваат владата на воздржаност, дел од израелската десница бара продолжување на офанзивата и анексија на територијата. Финансискиот министер Безалел Смотрич вчера објави финално одобрување на проект за населба на Западниот Брег, што наиде на силна меѓународна осуда.

Извор: Reuters

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни