Израел тврди дека дел од иранските резерви на збогатен ураниум ги преживеале нападите на САД

Иран веројатно нема да се обиде да ги обнови постројките во Фордо или Натанс, велат американски медиуми. Дури и Фордо, изграден длабоко во планината, се покажал поранлив отколку што верувале иранските инженери.

Израел заклучил дека дел од подземните резерви на збогатен ураниум во Иран преживеале американски и израелски напади минатиот месец и дека би можеле повторно да бидат достапни за иранските нуклеарни инженери, според изјава на висок израелски функционер.

Според New York Times (NYT), овој функционер изјавил дека Израел кон крајот на минатата година започнал да презема чекори кон воена акција против Иран, откако забележале, според него, трка за изработка на нуклеарна бомба во рамки на таен ирански проект. Функционерот разговарал со NYT под услов на анонимност поради чувствителноста на информациите.

„Активностите започнаа по убиството на лидерот на Хезболах“

Според истиот извор, израелската разузнавачка служба открила активности поврзани со нуклеарно оружје веднаш по убиството на Хасан Насралах, долгогодишен лидер на Хезболах поддржан од Иран во Либан, во воздушен напад од страна на израелските сили.

Ова го поттикнало премиерот Бенјамин Нетанјаху да се подготви за напад – со или без американска поддршка.

Во деновите околу нападот на Израел на Иран во средината на јуни, и подоцнежната одлука на претседателот Трамп да се приклучи на акцијата, американските разузнавачки служби изјавиле дека нема докази оти Иран се обидува да го претвори збогатениот ураниум во оружје.

САД тогаш ги нападнаа двете најважни постројки за збогатување ураниум во Иран со бомби тешки 13.600 килограми, како и со Томахавк ракети од подморници на трето постројување каде горивото можело да се преработи во оружен материјал.

„Сите докази за тајната програма се целосно споделени со САД“

Израелскиот функционер рекол дека сите докази за тајниот програм биле целосно споделени со САД, без да открива детали.

Во интервјуа во јануари, американски функционери рекле дека не веруваат оти Иран брза со изработка на нуклеарно оружје, иако постоеле почетни обиди за истражување на „побрзи, поедноставни“ начини за правење бомба. Шефицата на националната разузнавачка служба, Тулси Габард, пред Конгресот во март изјавила дека нема докази дека Иран донел одлука да изгради оружје – што го повториле и во јуни.

На вчерашниот прес брифинг, високиот израелски функционер не изразил загриженост поради проценката дека дел од ураниумот збогатен до 60% останал сочуван во резервоари по нападот. Тој и други израелски разузнавачи сметаат дека секој обид на Иран да го поврати ќе биде откриен – и ќе има време за нов напад.

Трамп и понатаму тврди дека иранската програма е „уништена“ и дека иранските власти веќе не се заинтересирани за нуклеарно оружје. Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет изјавил дека бомбите ги уништиле резервите и опремата во најзаштитеното постројување – Фордо – „закопани под планина, уништени и разурнати“.

„Иранците научија дека дури и она што е скриено во планина може да биде бомбардирано“

Американскиот напад врз Исфахан затворил многу влезови и, изгледа, ги уништил лабораториите што го претворале збогатениот ураниум во метал погоден за нуклеарно оружје.

На самитот на НАТО во Хаг пред две недели, Трамп изјавил дека американските напади ја „вратиле способноста на Иран да развие нуклеарно оружје години наназад“ и најавил подготвеност за нов напад, ако биде потребно. „Ова достигнување може да трае неограничено – ако Иран не дојде до нуклеарен материјал, а нема да дојде“, изјавил тој.

Потоа, Иран ги протерал инспекторите на Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA) од Техеран и ги исклучил некои од преостанатите камери и уреди за надзор – оставајќи го Западот практично без увид во иранските активности.

„Државата тоне во мрак“, изјавил Реј Таки, експерт за Иран од Советот за надворешни односи, кој го следи иранскиот нуклеарен програм веќе 25 години.

„Мислам дека влегуваме во фаза каде иранските напори ќе бидат дисперзирани низ земјата, во мрежа од мали тајни работилници. Иранците научија дека дури и она што ќе го скриете во планина – може да се бомбардира.“

Нова ера на скриена игра

Според NYT, ако Таки е во право – што го потврдиле и американски, британски и европски разузнавачи последните недели – Израел и САД би можеле да се соочат со нова ера на „игра на криенка“.

Иран веројатно нема да се обиде да ги обнови постројките во Фордо или Натанс, велат американски медиуми. Дури и Фордо, изграден длабоко во планината, се покажал поранлив отколку што верувале иранските инженери.

Клучна слабост била постоењето на вентилациски отвори длабоко во постројката; американскиот напад вклучувал бомби што биле спуштени во тие отвори, овозможувајќи им да стигнат поблиску до контролниот центар и салите за збогатување отколку да морале да пробиваат карпа.

За Иран, клучно е да дојде до гориво збогатено на 60% – што е блиску до 90% што се користи за нуклеарно оружје. Повеќето од напорите за добивање на високо збогатен ураниум се случуваат во раните фази.

Но, секој обид да се извади горивото од урнатините на Исфахан тешко ќе се скрие од сателитски надзор. Израелскиот функционер верува дека дополнителни резерви сè уште се наоѓаат во Фордо и Натанс – двата главни ирански центри – кои беа силно погодени. Израел проценува дека обид за нивно враќање би бил премногу тежок, заклучува NYT.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни