Високи израелски функционери им признале на американски дипломати дека иранските демонстранти би биле „масакрирани“ доколку излезат на улиците против режимот, иако Израел јавно повикува на народен бунт, според дипломатска депеша на Стејт департмент до која дошол Вашингтон пост.
Документот, испратен од американската амбасада во Ерусалим, покажува дека Израел очекува можен бунт, но истовремено проценува дека режимот во Иран не се распаѓа и е подготвен „да се бори до крај“, и покрај убиството на врховниот лидер Али Хамнеи и тековните американско-израелски напади.
Според проценките, доколку дојде до масовни протести, луѓето би биле убиени бидејќи Исламска револуционерна гарда има јасна воена надмоќ. Автентичноста на документот ја потврдиле двајца функционери на Стејт департментот.
И покрај тоа, израелските претставници изразиле надеж за бунт и ги повикале САД да бидат подготвени да ги поддржат демонстрантите доколку дојде до тоа.
Во исто време, иранскиот престолонаследник во егзил Реза Пахлави ги повика граѓаните да излезат на улиците за време на традиционалниот персиски фестивал Чахаршанбех Сури.
Експертите предупредуваат дека ваквите двојни пораки би можеле да предизвикаат недоверба. Нергис Бајогли од Универзитет Џонс Хопкинс оцени дека многу Иранци ќе се чувствуваат изневерени и искористени.
Израел, сепак, тврди дека целта е слабеење на воените капацитети на режимот. Премиерот Бенјамин Нетанјаху изјави дека операциите имаат за цел да создадат услови иранскиот народ да го собори режимот.
Во меѓувреме, Доналд Трамп призна дека демонстрантите во Иран се соочуваат со огромен ризик. „Има луѓе со митралези на улиците кои пукаат врз демонстранти“, изјави тој, нагласувајќи дека тоа е сериозна пречка за невооружените граѓани.
И покрај силните напади врз иранската инфраструктура, аналитичарите сметаат дека режимот сè уште ја задржува контролата. Според Сузан Малони од Brookings Institution, користењето на цивили како средство за притисок е опасна стратегија која може дополнително да ја влоши ситуацијата.
Експертите предупредуваат дека поттикнувањето бунт, и покрај очекуваните големи жртви, може да доведе до продлабочување на кризата и дополнително дестабилизирање на Иран, наместо до брза политичка промена.