Во исчекување е почетокот на примена на договорот за прекин на огнот помеѓу Израел и Хамас, откако израелската влада на Бенјамин Нетанјаху, по одобрувањето од страна на воениот кабинет, го ратификувала договорот за примирје и ослободување на затворенци. Претседателот на Палестинската управа, Махмуд Абас, изјави дека се подготвени да ја преземат „целосната одговорност“ за Појасот Газа по завршувањето на 15-месечниот конфликт.
Според податоците од Министерството за здравство во Газа, кое е под контрола на Хамас, најмалку 46.876 Палестинци се убиени, а 110.642 се ранети во израелските напади од 7 октомври 2023 година. Светската здравствена организација предупреди дека е потребно значително поголемо снабдување со хуманитарна помош, проценувајќи дека се потребни околу 600 камиони дневно.
Абас изјави дека Палестинците се подготвени да ја преземат одговорноста за враќањето на раселените лица, обезбедување помош, управување со граничните премини и обнова на територијата по завршувањето на конфликтот.
Израелскиот воен кабинет, пак, го одобри договорот за ослободување на затворениците и примирје со Хамас, постигнат во Доха. Се очекува дека израелската влада ќе донесе исто решение.
Исто така, Израел објави дека 95 палестински затвореници ќе бидат ослободени од израелските затвори во првата фаза на договорот за ослободување на талачки. Израелските медиуми објавија и список на 33 израелски талачки кои ќе бидат ослободени од Газа по почетокот на примената на мировниот договор.
Во меѓувреме, поранешната холандска министерка за надворешни работи, Сигрид Каг, привремено ќе ја извршува функцијата на специјален пратеник на Обединетите нации за Блискиот Исток.