Израел соопшти дека спроведува истовремени воени удари врз иранската престолнина Техеран и либанската престолнина Бејрут, наведувајќи дека мета се „воени цели“ на иранскиот режим и Хезболах.
Во соопштението објавено во вторникот наутро, Израелските воздухопловни сили наведоа дека нападите се насочени кон воена инфраструктура поврзана со Иран и Хезболах, кој има поддршка од Техеран.
Претходно, израелската армија информираше дека биле погодени ирански ракетни лансери и системи за противвоздушна одбрана кои, како што наведуваат, биле користени за „дејствување врз авиони на Израелските воздухопловни сили“.
Според најавите од израелска страна, нападите ќе продолжат и ќе бидат насочени кон обиди за вооружување на ракетни системи, позиции за дејствување, лансери на ракети и балистички проектили.
Неколку часа претходно, Централната команда на САД објави на социјалната мрежа X дека американските сили „уништија командни и контролни објекти на Корпусот на чуварите на исламската револуција, капацитети за противвоздушна одбрана, локации за лансирање ракети и дронови, како и воени аеродроми“.
Во меѓувреме, Иран во текот на ноќта продолжи со воздушни напади врз американски сојузници во регионот на Заливот.
Небото над Бејрут беше покриено со густ црн чад, додека експлозии одекнуваа низ градот, според фотографиите и извештаите од терен.