Израел ја бомбардираше јужната периферија на Бејрут, илјадници луѓе масовно бегаат

Израелската војска изврши воздушни напади врз јужните предградија на Бејрут, насочени кон позиции на Хезболах. Илјадници жители бегаат од квартот Дахија, додека расте стравот од нов фронт во војната на Блискиот Исток.

Израелската војска ноќеска започна воздушни напади врз јужните предградија на Бејрут, насочени кон инфраструктура на либанското милитантно движење Хезболах, кое има поддршка од Иран.

Нападите го погодија квартот Дахија, густо населена трговска и станбена област во јужниот дел на либанската престолнина, пренесува британскиот весник „Гардијан“.

Според извештаите, Израелските одбранбени сили претходно издале итна наредба за евакуација на населението од јужните предградија на Бејрут, каде што живеат околу 500.000 луѓе. Илјадници жители се обидувале да го напуштат подрачјето, создавајќи огромни колони од возила кои едвај се движеле поради сообраќајниот метеж.

Новинар на „Гардијан“ јавува дека сообраќајот бил целосно блокиран низ целиот град, додека илјадници луѓе биле принудени да се движат пеш. Меѓу запрените автомобили жени туркале детски колички, а семејства барале помош од спасувачките служби за да ги извлечат постарите лица кои не можеле сами да ги напуштат своите домови.

Израелските сили напаѓаат делови од квартот Дахија уште од понеделникот. Во меѓувреме, крајнодесничарскиот израелски министер Безалел Смотрич денеска се закани со „целосно уништување“ на овој дел од градот, кој се смета за упориште на Хезболах.

Наредбата за евакуација во Бејрут е издадена само еден ден откако израелската армија им нареди на жителите да ја напуштат и друга област во Либан – пограничниот појас јужно од реката Литани, што опфаќа околу 10 проценти од територијата на државата. Овој потег ја засили загриженоста дека Израел се подготвува за копнена инвазија.

Светските лидери, меѓу кои францускиот претседател Емануел Макрон и шпанскиот премиер Педро Санчез, апелираа до Израел да ги намали нападите и да спречи проширување на американско-израелската војна против Иран на нов фронт во Либан.

Од израелска страна тврдат дека нападите се одговор на ракетите што Хезболах ги испалил кон северниот дел на Израел во понеделникот.

Според Министерството за здравство на Либан, во израелските воздушни удари досега загинале повеќе од 120 лица, а околу 700 се повредени.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни