Израел и Иран денес се смртни непријатели, а некогаш беа блиски сојузници

Исламската револуција во 1979 ја собори шаховата власт и воведе теократски режим со ајатолах Хомеини, кој Израел го нарече „малиот Сатан“, а САД „големиот Сатан“ — означувајќи ја новата непријателска ориентација на Иран

Иако денес Израел и Иран се смртни непријатели, со остар воен судир кој достигнува кулминација, некогаш тие биле блиски сојузници.

Сегашната ескалација започна пред една недела кога Израел изведе напад врз Иран, таргетирајќи стотици воени и нуклеарни цели со цел да го спречи Техеран во развојот на атомско оружје. Во одговор, Иран испука стотици проектили и дронови. Се очекува и голем бегалски бран од Иран, додека целиот свет го следи дали САД ќе се вмешаат во конфликтот.

Како започна сè?

Историјата покажува дека односите меѓу овие две земји не биле секогаш непријателски. Иран, една од најголемите муслимански земји, долго време бил клучен партнер на Израел на Блискиот Исток.

Од основањето на Израел во 1948 година како парламентарна демократија, Иран бил под владеење на шахот Мохамед Реза Пахлави. Иако Иран во 1947 и 1949 година гласа против планот за поделба на Палестина и приемот на Израел во ООН, во 1950 година де факто го призна Израел преку неформални дипломатски контакти и израелска трговска мисија во Техеран.

Историчарот Сохраб Собхани го објаснува хуманитарниот аспект на овие односи — Иран помогнал на еврејската заедница да се пресели во Израел.

Главниот мотив на Иран бил и оддалечување од арапскиот национализам, со оглед на тоа што Иран е персиска, а не арапска земја, со различен јазик и шиистичко мнозинство, додека арапските земји се главно сунитски.

Промени и повторно зближување

Престанокот на дипломатските односи со Израел се случува во 1951 година со доаѓањето на премиерот Мохамед Мосадек, кој се обидува да се доближи до арапските земји во борбата против британскиот нафтен монопол.

По државниот удар во 1953, поддржан од ЦИА и МИ6, шахот Пахлави ја враќа власта и станува јак прозападен лидер.

Во тој период се воспоставува блиско, но дискретно сојузништво помеѓу Иран и Израел, засновано на заеднички интереси и поддршка од Западот, кое трае до Исламската револуција во 1979 година.

Природни партнери во регионот

Шахот централно ја концентрирал власта и спровел модернизација на земјата. Иако на слики од 1970-тите се гледаат модерни жени и развиена инфраструктура, политичкиот режим бил строг со цензура и репресија преку тајната полиција САВАК.

Иако политички различни, Иран и Израел биле сојузници со заеднички интереси. Израел, изолиран од арапскиот свет, барал сојузници за трговија, енергија и воена соработка, додека Иран барал технологија, вооружување и разузнавачка поддршка.

„Доктрината на периферијата“ и тајната соработка

Историчарот Еирик Квиндесланд од Оксфорд ја потенцира „доктрината на периферијата“ на првиот израелски премиер Давид Бен-Гурион — односите со земји на работ на Блискиот Исток, како Иран и Турција.

Во тој период, бил изградена нафтна инфраструктура за испраќање иранска нафта кон Израел и Европа. Иран добивал воена технологија, обука на безбедносни служби и помош во модернизација.

Шахот се стремел кон приближување до САД, а Израел му бил важен партнер во овој процес, вклучувајќи и обука на иранските разузнавачки служби од страна на Мосад.

Летови, школи и богати односи

До 1979 година, во Иран живеела една од најголемите јеврејски заедници надвор од Израел, добро интегрирана и мост помеѓу двете земји.

Постоеја тајни летови и израелски училишта во Техеран. Израелски бизнисмени сведочат за раскошниот живот под шахот, кој имал посебен однос кон јеврејската заедница.

Постојат и докази за израелска помош во раниот ирански нуклеарен програм.

„Љубовен однос без брак“

Професорот Давид Меншари го опишува односот меѓу двете земји како „љубовен однос без брачен договор“ — срдачен, но неофицијален.

Исламската револуција во 1979 ја собори шаховата власт и воведе теократски режим со ајатолах Хомеини, кој Израел го нарече „малиот Сатан“, а САД „големиот Сатан“ — означувајќи ја новата непријателска ориентација на Иран.

Денес, Израел и Иран се на спротивставени страни на глобалната геополитичка сцена, но нивната историска врска покажува дека непријателствата не се вродени, туку резултат на сложени политички превирања.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни