Израел: Ги нападнавме командните центри на Хезболах низ Либан

Израелската армија соопшти дека извршила повеќе бранови напади врз инфраструктура на Хезболах во Бејрут и јужен Либан. Во ескалацијата досега загинале повеќе од 600 луѓе.
Foto: AP Photo/Ali Salem

Израелската армија доцна во четвртокот соопшти дека извршила напади врз инфраструктурата на Хезболах „ширум Либан“.

„Пред извесно време, Израелските одбранбени сили ги завршија неколкуте бранови напади насочени кон инфраструктурата на Хезболах во Бејрут и јужен Либан“, соопшти војската на Телеграм.

„ИДФ нападна неколку командни центри на Хезболах, од кои борците на организацијата дејствувале со цел да подготват терористички напади против државата Израел и нејзините цивили.“

Обвинувања за користење цивили како штит

Израелската војска дополнително го обвини Хезболах дека „систематски ја вградува својата инфраструктура меѓу цивилното население низ Либан“.

„Ова е уште еден пример за цинично искористување на либанските цивили од страна на организацијата за нејзините терористички активности“, наведува израелската војска.

Либан повторно во криза

Претходно Израел соопшти дека спроведува нов бран напади врз Бејрут и неговите јужни предградија.

Најновата ескалација меѓу Израел и либанската милитантна група Хезболах е поврзана со поширокиот регионален конфликт во кој е вклучен и Иран и повторно го турна Либан во длабока криза.

Израелските воздушни напади ја погодија речиси целата земја, при што загинаа стотици луѓе, а голем број жители беа принудени да ги напуштат своите домови.

Според официјалните податоци на либанските власти, од почетокот на најновата ескалација загинале повеќе од 600 луѓе, додека речиси 816.700 се раселени.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни