Израел во Газа ликвидирал висок командант на Хамас, јавуваат медиумите

Во напад врз автомобил во градот Газа убиени се четири лица, најмалку 25 се ранети – целта бил Раед Саед, еден од клучните планери на нападот од 7 октомври
Photo: REUTERS/Dawoud Abu Alkas

Израелската армија изврши воздушен напад врз автомобил во градот Газа, при што загинаа четири лица, а најмалку 25 беа ранети. Според повеќе израелски медиуми, кои се повикуваат на безбедносни извори, цел на нападот бил Раед Саед, висок командант на Хамас и еден од главните планери на нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година. Хамас и медицински извори во Газа засега официјално не потврдија дали Саед е меѓу убиените, пренесува Ројтерс.

Израелската војска потврди дека извршила напад врз „висок командант на Хамас“ во градот Газа, но не го соопшти неговото име ниту дополнителни детали за операцијата. Доколку се потврди смртта на Раед Саед, тоа би било најзначајното убиство на висок функционер на Хамас од почетокот на примирјето, кое стапи на сила во октомври.

Според неименуван израелски одбранбен функционер, Саед бил раководител на силите на Хамас задолжени за производство на оружје. Извори блиски до Хамас го опишуваат како втор човек на вооруженото крило на организацијата, веднаш зад Из ад-Дин ал-Хадад. Според истите извори, Саед командувал со баталјонот на градот Газа, кој се смета за еден од најголемите и најдобро опремени во рамки на Хамас.

И покрај примирјето договорено на 10 октомври, кое овозможи стотици илјади Палестинци да се вратат во разурнатите делови на градот Газа, повлекување на дел од израелските трупи и зголемен доток на хуманитарна помош, насилството не е целосно прекинато. Според податоците на палестинските здравствени власти, од почетокот на примирјето израелските сили убиле најмалку 386 лица во Газа. Израел, пак, соопшти дека во истиот период биле убиени тројца негови војници и дека биле изведени напади врз десетици борци.

Израелската армија претходно информираше и дека двајца нејзини војници биле ранети при експлозија на направa за време на, како што ја опиша, „операција за расчистување на подрачје од милитантна инфраструктура“. Засега не е јасно дали овие два инцидента се меѓусебно поврзани.

Војната во Газа започна по нападот на милитантите предводени од Хамас на 7 октомври 2023 година, кога во јужен Израел беа убиени околу 1.200 луѓе, претежно цивили, а 251 лице беше киднапирано и одведено во Појасот Газа. Во израелската воена офанзива што следеше, според податоците на здравствените власти во Газа, загинале повеќе од 70.700 Палестинци, исто така претежно цивили.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни