О2 Иницијатива: Измените на законот за урбанистичко планирање ќе направат градежен хаос

Со измените на Законот за урбанистичко планирање кои ги предложи Министерството за транспорт и врски ќе биде полесно да се гради без урбанистички план, само со проект, кој каде што ќе му текне, без да се прашаат граѓаните кои живеат таму дали се согласуваат со локацијата, висината на градбата или не, без јавна анкета и без советот на општина да има право да одлучи со гласање, реагираат од „О2 Иницијатива“.

-Не може под превезот на „јавен интерес“ да се прави урбанистичко-градежен хаос, а наместо основната цел , да се поедностават постапките во однос на градење амбуланти, градинки и на катни гаражи, процедури кои биле заглавени неколку години, со овие измени ќе биде полесно да се гради без урбанистички план, само со проект и е отворање на врата на самоволие и хаос, што не смее да се дозволи, додаваат од Иницијативата.

Во повикот на „О2 иницијатива“ објавен на нивната фејсбук-страница се прашува зошто е потребата за вакви промени, без обид да се направи здрава основа за осмислени и усогласени измени со други актуелни, па и планирани закони со кои се преклопува. Токму затоа тие ги повикуваат сите пратеници да не ги гласаат измените и да бараат истите да бидат отстранети од предлог-законот.

-Се предлага бришење на одредбата со која јасно е утврдено дека урбанистичките планови кои започнале по старите закони и не успеале да се завршат во рок од четири години од стапување на сила на законот (18.02.2020), истите да продолжат по новиот закон. Со бришење на овој дел, ќе се овозможи стариот закон неограничено да се користи, наместо ДУП-овите конечно да тераат по сегашниот закон. Се планира да се избрише делот со кој се уредува дека без согласнот од Министерството за транспорт, одлуката за носење на урбанистички план да е ништовна и министерот за транспорт да донесе решение за забрана на применувањето на планот. Новиот предлог ова ограничување го брише. Тоа значи дека ќе се овозможи носење на ДУП без согласност од Министерството за транспорт и потоа оди докажувај се пред Уставен суд со годинии, а во меѓувреме ќе си се гради и ќе си се гради по тој ДУП, реагираат тие.

Од „О2 Иницијативата“ велат дека со овој закон се бришат одредбите поврзани со обврската за обезбедување на потврда за урбанистичка усогласеност. Наведено е дека оваа одредба не може да се примени поради неусогласност со актуелниот Закон за градење. Урбанистичката усогласеност е од големо значење и наместо да се избрише од законот, потребно е да се измени соодветно Законот за градење. Во спротивно, велат, неусогласени планови ќе се спроведуваат.

За крај се нотира дека урбанистичките планови треба да воведат ред, а не хаос и не може да се дозволи изработка, спроведување планови кои не се соодветни и изградба на објекти како катните гаражи. Заклучуваат дека ситуацијата е доволно хаотична и без тоа, а дополнителен хаос не ни е потребен.

Од Министерството појаснуваат дека со измените на законот кој во Собрание требаше да се најде на денешната седница по скратена постапка, но се одложи поради дискусијата за Буџетот, ќе биде невозможно да се донесе урбанистички план без усогласеност на Министерството за транспорт.

Но, овие најави од Министерството за иницијатива О2 ги нарекуваат само оправдувања. Според нив, промената на законот ја отвора вратата за урбанистички хаос.

Преземано од racin.mk

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни