Со нацрт-законот за заштита од пушење, кој е официјално објавен на електронскиот регистар ЕНЕР, државата најавува значително заострување на политиките поврзани со пушењето и употребата на тутунски и никотински производи. Предлог-законот е изработен од Министерство за здравство и опфаќа целосна забрана за пушење во јавни и работни простории, како и низа нови ограничувања.
Доколку биде усвоен, законот ќе забрани пушење во и пред објекти на здравствени установи, установи за социјална заштита, воспитно-образовни, културни и рекреативни институции, како и во објекти за престој и сместување на деца, ученици и студенти. Забраната ќе важи и за државните органи, органите на локалната самоуправа, сите работни места, како и за сите видови јавен превоз, вклучително и аеродроми, автобуски и железнички станици.
Посебно се нагласува забраната за пушење во приватно возило во присуство на дете, како и во заедничките простории на станбените згради, како лифтови, светларници и котларници. Пушењето ќе биде дозволено исклучиво на строго дефинирани отворени простори, физички одделени и отворени од најмалку три страни, без стаклени или најлонски прегради.
Еден од клучните новитети е целосната забрана за тутунски и никотински производи со ароми и вкусови. Забраната ќе се однесува на производството, увозот, дистрибуцијата и продажбата на цигари, електронски цигари, течности за е-цигари со и без никотин, загреани и бездимни тутунски производи, доколку содржат вкусови како овошни, ментол, билни или други адитиви, освен природниот тутунски вкус.
Со предлог-законот строго се ограничува и рекламирањето, промоцијата и спонзорирањето од страна на тутунската индустрија. Забрането ќе биде прикажување на тутунски производи во медиумски содржини, компјутерски игри, содржини на инфлуенсери и поткастери, како и нивно спонзорирање на јавни и културни настани.
Контролата на спроведувањето на законот ќе ја вршат повеќе институции, меѓу кои пазарниот, санитарниот и здравствениот инспекторат, инспекторатот за труд, МВР и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Предвидените казни се движат од 2.000 до 5.000 евра за правни лица, во зависност од нивната големина, додека физичките лица ќе се казнуваат со 150 до 300 евра.
