Творештвото на Марјана Костојчиноска Узунчева со секоја следна изложба буди исклучителен интерес и естетска провокација кај гледачот, без оглед дали е тоа стручна или поширока публика. Во време на постојани неправди, бурни социо-економски и општествени промени и превирања во светот кога се позачестени се протестите како израз на одреден револт, авторката го свртува вниманието кон вечно интригантната и сензитивна тема за положбата и правата на жената во него…
За инспирацијата за својот најнов проект, Костојчиноска Узунчева ќе каже:
„Оваа состојба на жената која постојано мора да ја докажува својата вредност во општеството е навистина исцрпувачка. Да се бори да биде платена исто како своите колеги мажи или мора да преговара за своето право на трудничко боледување, е приказна која не завршува. Овој судир трае, постои и е видлив во секој дел од општеството. Прашањето е дали ќе има преврат на овие вредности? Дали е ова последната револуција? Или акцијата продолжува?”
Се очекува дека и нејзиниот најнов проект во организација на Музеј на град Скопје, посебно заради неговата интригантност, современост и актуелност на темата која ја обработува ќе придонесе за зголемена и континуирана посетеност на музејот, како и сите претходни досега. Ова и е прва изложба после четири години кога во Галерија 8 ја постави „Деконструкција на пејзажот“.

Најновиот креативен подвиг на ликовната уметница Марјана Костојчиноска Узунчева прикажан преку просторна инсталација насловена “Украс” отвора низа актуелни прашања во врска сo позицијата и третманот на жената денес и родовата (не)еднаквост, посебно во конзервативни и патријархални општества. Инсталацијата се состои од навидум секојдневни предмети кои претставуваат своевиден визуелен код, како дел од нашето етнолошко богатство и културна традиција но групирани и транспонирани на овој начин и во овој контекст се лишени од баналност и добиваат сосема поинаква, поширока димензија и симболика.
Делото е интригантно и според концептот и според реализацијата и начинот на собирање на предметите кои Костојчиноска Узунчева ги инкорпорира во инсталацијата, главно декоративни предмети кои биле составен дел од нечиј невестински мираз (чеиз), до нивната моќна симболика и универзалната, недвосмислена порака која тие ја носат. Секој од овие предмети поседува своја посебна и/сторија која истовремено е и лична, интимна но и колективна и на некој индиректен, имплицитен начин зборува за жените кои ги создале, употребувале, ги дале или добиле како наследство, лично или како дел од некоја семејна историја, некогаш долга и со децении, пренесувана од колено на колено. Исто така, интересен е и начинот на кој сопственичките на истите ги отуѓиле, се разделиле од нив, односно моментот кога од нивниот личен, интимен музеј, овие предмети станале дел од друга поголема приказна, изложени сега и овде, во вистински музеј.
На отворањето на изложбата ќе се обрати директорот на Музејот на град Скопје, Панче Велков, а изложбата ќе ја отвори претседателката на ДЛУМ, Јана Манева Чупоска.
Изложбата ќе биде поставена до 09.06.2023, во Музеј на град Скопје.