Изложба „Уметници и бегалци“ во Чифте Амам

На изложбата ќе може да се видат делата на Oзбек Ајваз, Ѓорѓе Јовановиќ и Маја Танева од Македонија, Бутринт Паша, Диела Вала и Андин Бакија од Косово, како и Серхи Тиекхов од Украина

Изложбата „Уметници и бегалци“ ќе се отвори во вторник (2 aприл) во Националната галерија Чифте Амам во скопската чаршија.

Делата на изложбата се инспирирани од сведоштва кои биле директно раскажани на уметниците од страна на украински бегалци во Романија во почетокот на месецот.

На изложбата ќе може да се видат делата на Oзбек Ајваз, Ѓорѓе Јовановиќ и Маја Танева од Македонија, Бутринт Паша, Диела Вала и Андин Бакија од Косово, како и Серхи Тиекхов од Украина.

Изложбата ќе вклучува чисти скулпторски форми, како и мобилни скулптури. Дополнително, изведувачкиот уметник и театарскиот режисер Бутринит Паша ќе изведе монодрама наречена „Кој ја сака мојата земја“.

„Ќе бидат раскажани искуствата од војната и агресијата врз Украина на публиката во Северна Македонија, Косово и поширокиот регион на Европа. Примарна цел е да се поттикнат бегалците да ги споделат своите приказни за агресија со светот, користејќи ја емоционалната моќ на уметноста и посветеноста на уметниците за да ги трансформираат овие приказни и сведоштва во уметнички дела“, велат од Центарот за современи уметности, кој го организира проектот заедно со СБункер од Приштина и WIN – Мрежа за интеграција на жените од Букурешт, Романија.

Проектот е поддржан од Програмата за дигитален активизам на TechSoup Network.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни