Изложба „Тешкотиите ќе исчезнат, но доброто дело ќе остане“ во Музеј на град Скопје

Изложбата „Тешкотиите ќе исчезнат, но доброто дело ќе остане – Македонската ’робинзонијада‘ на семејството бегалци Малахови“ вечер ќе биде отворена во Музеј на град Скопје, со почеток во 19 часот. Овој проект е избран на годишен конкурс за финансирање проекти од национален интерес на областа на музејската дејност и заштита на нематеријалното културно наследство.

„Изложбата од реконструирани биографии, документи, фотографии, слики и друго, е само еден скромен обид на некој начин воспоставување на историската правда во однос на членовите на семејството Малахови“, велат авторите на изложбата и каталогот Јасмина Дамјановска, Ленина Жила, Љубица Велковска и Јасминка Намичева

Меѓу бегалците од Русија по Граѓанската војна предизвика во повоената Европа хуманитарна криза, биле и членовите на фамилијата Малахови. Некое време тие престојувале во Чехословачка, но во средината на 1930-тите скоро сите се преселиле во планините на Поречје.

Тука семејството Малахови ја отпочнале својата, како што тие кажувале, „робинзонијада“. Населувајќи се во дивината тие сами градат куќи и апарати за сува дестилација на дрво за производство на катран, терпентин и друго.

„Најважното е дека секој од семејството и покрај тешките услови и исцрпувачката работа се трудат во насоката на реализација на своите интереси. Таткото, Александар Егорович, како приврзаник на идејата на кооперативен труд, се обидува да ги обедини селаните од Поречје во задруги; постариот син, Георги, работи над усовршување на апарати за сува дестилација, а и го собира местниот фолклор, води белешки за животот на поречаните (во Архивата во Домот на руските иселеници во Москва се чуваат неговите ракописи илустрирани со фотографии „Приказни на Македонското Поречје“, „Занаети во исчезнување на Македонското Поречје“ и други); другиот син, Александар, составува геолошки и шумски карти за Поречје и други делови од Македонија; сопругата на Георги, Марија Шпис, прави етнографски фотографии и се занимава со сликарството итн. Тројцата браќа Георги, Александар, Вјачеслав се антифашисти и земат учеството во НОБ“, објаснуваат авторките.

Тие додаваат дека откако се создаде македонската држава нивните знаења и умеење добиле можност да дојдат до израз.

„Александар Малахов станува референт во АСНОМ, раководител на одделението за рударството при АСНОМ, предавач на катедрата по географија при Филозофскиот факултет (прв предавач на оваа катедра), основач и прв директор на Геолошкиот институт. Георги Малахов раководи со изградбата на претпријатијата за сува дестилација, каде се применуваат и неговите изуми (комбинат во Берово и др.). Вјачеслав Малахов е ударник на трудот. Светлана Малахова, ќерката на познатиот лингвист С. О. Карцевскиј, професор на Женевскиот универзитет, сопругата на Александар, ги создава куклите и ги режира првите куклените претстави, а на тој начин станува основоположник на куклениот театар во Македонија. Марија Малахова (Шпис), работејќи за Етнолошки музеј во Скопје како сликар, создава збирка на слики со македонски народни носии, елементи од народна облека, традиционална архитектура, инвентар и друго“, посочуваат авторките на изложбата

За жал, заради политичките процеси познати како „Коминформбиро“ членовите на фамилијата Малахови биле принудени повторно да емигрираат. А нивните имиња долго време биле во заборав.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни