На 5 септември, со почеток во 20 часот во МСУ ќе бидат отворени самостојни изложби на двајца млади уметници, кои се добитници на наградата „Најуспешен автор и дело“ доделена на 14. Меѓународно биенале на млади уметници „Будења“, 2023.
Наградата, која се состои од самостојна изложба во Музејот на современата уметност – Скопје се доделува на двајца автори и нивните дела, кои жири комисијата ги избра за најубедливи достигнувања претставени на минатогодишнотo биенале.
Со самостојна поставка на 5 септември ќе се претстават Серхат Емрулаи (Северна Македонија), кој е победник на Биеналето за делото насловено „Помеѓу“, инсталација, 2022 и Наџа Крачуновиќ (Србија), победник на Биеналето за делото „Хидра“, видео перформанс, 2023.
„Хидра“, 2023 на Наџа Крачуновиќ е перформативен видео приказ на неколкумесечна истрага во полето на личниот, автентичниот, интимниот женски глас како отпор кон патријахалниот пејзаж. Инсталацијата „Помеѓу“, 2022 на уметникот Серхат Емрулаи преку континуираниот какофоничен звук од вртењето на лажичките за чај го третира прашањето на времето, каде минатото и сегашноста ги одбележува непрекинатото очекување.
Наслов на самостојната изложба и перформанс на Наџа Крачуновиќ е „Во име на мајката, во презиме на таткото“. Таа го испитува музејот како радикално место, каде традицијата се среќава со современиот живот на бракот, како отпор наместо социјална норма, и меѓугенерацискиот однос мајка-ќерка. Крачуновиќ се занимава со женското наследство од двата родители и нуди стратегии за опстанок во патријархалните општества, кои го третираат актот на бракот како акт на отпор.
Наслов на инсталацијата на Серхат Емрулаи со која самостојно ќе се претстави на 5 септември е „Се селиме на нова локација“. Тој вешто ја интегрира уникатната архитектура на музејот во личнен авторски наратив, претворајќи го просторот во клучна компонента од уметничкото дожувување. Со тоа, посетителите се вовлечени во внимателно трасираниот пат преку просторен дизајн, промислено осветлување и симболични материјали, за да се предизвика длабока ангажираност кај посетителите за теми како што се родовите улоги, економските превирања и демографските промени.
Куратори на изложбите се Ива Димовски, Бојана Јанева и Никола Узуновски.