Изложба на фотографии на Златко Лозаноски во Струмица „Шумовидение“ –

Секоја фотографија од овој циклус кој сочинува 12 фотографии ни презентира одредена филмска кадрација, вивидна и исполнета со длабока емоција

Здружението за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст-Струмица“ во соработка со кафе бар „Нагоре“, како дел од неформалниот тековен концепт-проект #ЅидНаУметноста, оваа сабота, на 26 октомври во 21.00 часот ќе ја отворат изложбата на фотографии насловена „Шумовидение“ на Златко Лозаноски.

„Изложбата „Шумовидение“ која ја подготвивме за струмичани презентира селекција од неговите најдобри дела, фотографии кои засебно говорат за една магична тема, а целата целина создава автентично патување низ светогледот на фотографот. Секоја фотографија од овој циклус кој сочинува 12 фотографии ни презентира одредена филмска кадрација, вивидна и исполнета со длабока емоција. Изборот да се занимава со црно-белата фотографија како техника го одделува од останатите фотографи во Македонија, а драматичноста која ја доловува може да биде основа за развој на дополнителна инспирација кај гледачот“, ќе напише организаторот Митко Гогов во освртот кон изложбата.

Златко Лозаноски е македонски фотограф роден 1980 година во Кичево, Основно и средно образование завршува во родниот град, кадешто живее и работи до денес. Фотографијата е секојдневно прибежиште на Златко и иако обврските и секојдневието понекогаш му го крадат времето што може да го потроши во создавање уметност, тој знае како да најде начин да се врати на своето хоби, со искуство од околу 20 години. „Шумовидение“ е негова прва самостојна изложба.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни