Изложба на Благојче Наумоски во македонскиот културен центар во Турција

Благојче Наумоски – Бане со изложбата ,,ПУКНАТИНИ/ТРАНСФОРМАЦИИ” ќе биде гостин биде во македонскиот Културно Информативен центар во Истанбул, Турција. Изложбата ќе биде отворена на 24 октомври.

„Проблемот со кој што се бавам во овој мој најнов проект се пукнатините и трансформациите, кадешто предметното, амбиенталното е поставување на функционален ефект на трагата од присуство на конкретната ситуација или афект на површина и функционалната приказна за дополнителната сензација во овие дигитални дела“, изјави Благојче.

Се покажува односот на пукнатините на површината во едни геометриски форма, опозицијата на линијата и површината, функционалната синтеза на материјалноста, односот на пиктуралната форма и објектните протезности, соочувањето на изведените илузии на вдлабнување и на испакнување и потенцијално најавените ефекти, разликувањето на контролираниот гест и верификацијата на случајот на перцепција.

Функцијата на празното и полното и нивна трансформација.

Пукнатините како чин на самото присуство на делото во него и обратно, отвора паралелен однос на материјалноста на различниот потенцијален спектар: спектар на бои и спектар на текстурални ефекти.

Благојче потенцира: „Преку овие дела јас го истражувам  она што се наоѓа под или зад содржината, а тоа се самите пукнатини насекаде околу нас. Тоа за мене претставува предизвик за експериментирање со мешање на техники, деконструирање, трансформирање и др. Интересот, меѓу другото, ми е насочен кон создавање на бинарни опозиции: позитив / негатив, полно / празно, вдлабнато / испакнато и ефектите кои се создаваат, инсистирајќи на нејасната граница помеѓу илузијата (на насликаното наспроти дигиталното) и реалноста во рамки на геометризмот“.

Професор Гордана Вренцоска за изложбата на Бане напиша: „Изложените педесетина дела со својата колоритност и свежина ни најавуваат радост и повторно креативно будење по долгата и исцрпувачка пандемија. Гледаме експлозија на бои и своевиден спој на графика, невербален плакат и сликарство. И покрај изразениот дигитално-графички израз на делата, тие прикажуваат богати текстури што не ја губат сликарската суптилноста. Репетитивноста на мотивите, карактеристична за Енди Ворхол, како и специфичните колорни шеми од кои некои потсетуваат на графичкиот дизајнер и уличен уметник Шеперд Фери (познат како Оби Џајант), можат да нѐ пренесат во секогаш забавниот свет на поп артот и графичкиот дизајн, но апстрактниот пристап и отсуството на наративни елементи нѐ враќа до намерата на авторот да ни сервира чист ликовен концепт кој сам по себе не се обременува со стилски референци и не отстапува од својата појдовна точка: да ни покаже ефект на трагата од присуство наместо конкретно присуство, да го открие она што се наоѓа под или зад содржината. Да ни покаже цел нов свет кој се крие веднаш тука, околу нас, во пукнатините и површините, кој можеме да го видиме со поинаков поглед и во малку поинакви бои.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни