Од 18 мај, во Музејот на современата уметност – Скопје, посетителите ќе можат да ја погледнат новоотворената изложба „Аквизиции – Донации 2022 – 2023“.
Кураторка на изложбата е Ива Димовски.
Воедно, 18 мај е и Меѓународен ден на музеите и на овој ден посетителите ќе можат бесплатно да ги погледнат и останатите изложби во музејот, покрај новоотворената.
МСУ – Скопје веќе подолго време ја развива меѓународната активност, преку значајни музејски проекти. Како потврда за тоа е присутноста на проектите на музејот во најугледните светски списанија за уметност, како што се Артфорум, Фриз, E-флукс… Сето тоа ја зголеми видливоста на МСУ, а со тоа се отвори можност за нови прилози во меѓународната збирка. По донациите на рускиот колектив „Ч’то делат“, холандскиот уметник Јонас Стал и германските уметници Јана Детмер и Моника вон Ешенбах, музејот неодамна доби и десет нови подароци, цртежи и колажи од светски реномираните полски уметници Артур Жмијевски и Павел Алтхајмер, дела настанати како резултат на нивниот концепт „отворено студио“; колаборативен процес на креирање колажи во „живо“ реализиран во МСУ. Значајна е и донацијата од светски познатиот автор Ахмет Огут, серија од пет скулптури, на кои авторот е фокусиран на реинтерпретација на секојдневието и на нови инспиративни дела, кои ја поттикнуваат критичката опсервација.
Покрај меѓународните донации, музејот доби и одреден број подароци и од одделни македонски уметници.
Исклучително значаен прилог за периодот на уметноста во седумдесеттите и осумдесеттите години на 20-от век се донациите на дела или уште еден голем легат (вкупно 55 дела) од авторот Симон Узуновски, кои ги подарија неговите наследници, чијашто концептуална уметничка практика беше предмет на историска ревалоризација на неговата неодамнешна ретроспективна изложба во МСУ – Скопје.
Со оваа изложба на Аквизиции – Донации (2022-2023), музејот има за цел да ѝ презентира на пошироката јавност дека единствениот адут за континуирано збогатување на збирките е преку квалитетни програмски активности. Преку оваа дејност, се зголемува капиталот на институцијата, и се движи во насока на задоволување на светските музејски тенденции.
На изложбата ќе бидат претставени дела од македонски и странски автори кои Музејот ги добил по пат на донација од самите автори/наследници, 82 дела од 16 автори, од кои 55 уметнички дела се од авторот Симон Узуновски. Но, и по пат на аквизиции, кои последен пат се реализирани во 2022 година, откупени се дела од двајца македонски автори: Јован Шумковски и Симон Узуновски.
Проектот е финансиски поддржан на Министерството за култура на Р.С. Македонија.