Избори во Украина за време на војна – невозможна мисија или политичка нужност?

Украина размислува за избори иако е во војна. Милиони раселени, безбедносни ризици и правни пречки ја прават идејата екстремно сложена. Дали изборите се воопшто изводливи?

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, повторно отвори чувствителна темаа тоа е можноста земјата да организира избори во наредните два до три месеци, доколку САД и европските партнери гарантираат безбедност. Но, експертите предупредуваат дека реалноста на терен прави ваквата идеја речиси неизводлива.

Правни ограничувања и отпор во јавноста

Според украинскиот Устав, избори не смеат да се одржуваат во услови на воено или вонредно состојба, што во Украина важи од февруари 2022 година. Поради тоа, државата нема законски механизам за избори во војна, а политичкиот аналитичар Антон Грушецки истакнува дека мнозинството граѓани се против. Последните избори беа во 2019 година, и оттогаш земјата функционира под екстремно различни услови.

Воени напади и логистички хаос

Борбите продолжуваат по должина на над 1.200 километри на фронтот, а руски ракети и дронови секојдневно ги погодуваат украинските градови далеку од борбените линии. Енергетската инфраструктура и снабдувањето со електрична енергија се редовно нарушени. Според аналитичарот Володимир Фесенко, прекинување на воздушните напади би било минимален предуслов за каква било организација на избори – нешто што моментално не е реално.

Фесенко додава дека Украина би морала практично од нула да изгради законодавна рамка за избори во услови на војна, што би барало најмалку шест месеци.

Милиони раселени – непремостлива пречка

Повеќе од 4,3 милиони Украинци имаат статус на привремена заштита во земјите на ЕУ. За да гласаат, Киев би требало да воспостави стотици избирачки места низ Европа – исклучително скап и комплексен процес.

Воедно, над 4 милиони Украинци се регистрирани како внатрешно раселени. Самата регистрација, ажурирање податоци и дистрибуција на избирачки материјали би претставувале масовна логистичка операција.

Воен персонал и окупираните територии

Околу еден милион луѓе служат во украинските вооружени сили. Организирање фер избори на фронтот или во близина на зоните на борба е практично невозможно без измена на законите и сериозен безбедносен ангажман.

Дополнително, проценките покажуваат дека околу 4,5 милиони полнолетни Украинци живееле на територии под руска окупација до 2024 година. Русија контролира речиси 19% од украинската територија – што автоматски ги исклучува овие граѓани од изборниот процес.

Политичка математика

Анкетите на Киевскиот институт за социологија покажуваат дека Зеленски и понатаму би имал шанси за реизбор, иако неговиот рејтинг значајно падна поради корупциски скандали, особено во енергетскиот сектор.

Единствен кој би можел сериозно да му конкурира е Валериј Залужни – поранешен командант на украинската војска и актуелен амбасадор во Британија. Сепак, тој засега не покажува политички амбиции и истакнува дека фокусот мора да остане на одбраната на земјата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни