Ивана Васева и Виолета Качакова за прекаријатот во културата

Вчера во националната галерија „Мала станица“ се одржа промоција на публикацијата „Прекарно за почетници“.  Со овој настан се затвори меѓународната изложба „Нема време за работа. Нема време ослободено од работа.“, којашто беше отворена на 3 септември.

Уредници на брошурата „Прекарно за почетници“ се Виолета Качакова и Ивана Васева, лектурата и преводот се на Невенка Николиќ, графичкиот дизајн и илустрациите се на Немања Трајковиќ, а продукцијата на „Факултет за работи што не се учат“ (ФРУ).

„Меѓународната изложба ‘Нема време за работа. Нема време ослободено од работа’ е резултат на заложба на две организации: Факултетот за работи што не се учат и Организацијата Јудин Халупецки од Прага, од Чешка. Станува збор за поголем изложбен зафат во кои се вклучени 10 уметници од бивша Југославија, Чешка и Словачка на тема уметноста и работата. Со овој проект се обидуваме да дадеме акцент на трудот во уметноста и културата кој што не е валоризиран, не е признаен како таков и со тоа најчесто уметниците и културните работници кои се фриленсери, кои што се самостојни живеат во супстандардни услови. Во рамки на поширкото истражување лоциравме неколку проблеми: првенствено дека културните работници не се заштитени со закон, не постојат, не постојат никакви бенефиции за нив, немаат простори каде што може да делуваат и така натаму. Најважно е исто така дека месечните бенефиции кои што ги добиваат самостојните културни работници од Министерството за култура не опфаќаат доста категории на културни работници, како куратори, менаџери во културата, координатори и така натаму.

Еден друг проблем со кој се соочуваат работниците е дека нивниот труд не е валоризиран, не е признаен и нема стандардизиран ценовник на кој што би се исплаќале за својот труд. Најчесто работниците се тие којшто се најслабо платени, кој што заради видливост и презентација пред пошироката публика се согласуваат на овие услови“ истакнува Ивана.

На прашање на Трн: Дали има дата база, колку такви уметници постојат и дали таа се пронаоѓа во некои од тие категории, Ивана одговора:

„Јас многу добро се пронаоѓам во тоа бидејќи 15 години активно работам на полето вонинституционален културен сектор, првенствено културни работници не постои како термин во Законот за култура, ниту во националната класификација на звања и професии, не постои таков термин. Значи сите оние професии којшто се да речеме резултат на современ развој во културата и уметноста, како што ги споменавме претходно, тие воопшто не постојат на ниво на звања на професии во државата.

Ние имавме повеќе иницијативи на оваа тема, којшто датираат уште од 2014 година, малку поиинтензивно од 2016 година, значи имавме иницијативи на Промена на правилникот во кој што би се внеле овие професии, работење на Законот во рамки на Министерството за култура, работење на Националната стратегија на култура. Културата, насловна страна на секое општество. Би ги спомнала тука нашите соработници, коишто долго време работат со нас на оваа тема: Оливер Мусовиќ, Филип Јовановски, Биљана Танурова, Милан Живковиќ во една фаза ни помагаше, така што имаше многу луѓе кои беа вклучени во подобрување на условите“.

И покрај сите заложби, Законот за култура не е променет од 1998 година. Изложбата е еден преглед да се види како уметниците работат, кои се условите во коишто делуваат. Тие специјално за оваа изложба направиле и Прашалник од кои извлекле неколку елементи, а тоа е аудио дело во кои уметниците само ги кажуваат идеалните услови во кои треба да работат низ сет на барања.

Што се случуваше низ годините?

Два пати Законот беше ставен на ЕНЕР, изгласан од Влада, не донесен од Парламент. Се додека Законот не се изгласа не може да се вметнат културните работници во него. Во Законот од 2022 беа ставени културни работници како физички лица кои се дефинираат како активни чинители за културниот развој, но тоа не е изгласано од Собранието.

Но ако се погледне малку пошироко, целата култура како што е структуирана се уште постојат милион аспекти каде има потреба да се подобрува состојбата.

Авторката Виолета Качакова појаснува малку подетално околу самата публикација.

„Публикацијата се вика ‘Прекарно за почетници’ и таа публикација резултираше со тоа што на еден начин ние сакавме да го документираме сето она што го работевме речиси една декада, при тоа како културни актери, освен тоа што се бавиме со истражување, продуцирање и развој на современа култура и уметност, во одреден момент сфативме дека мораме да се еманципираме и да се доедуцираме да почнеме да делуваме на полето на застапување и лобирање бидејќи ќе не можеш да го ползуваш контекстот ако не се бавиш со промена на условите на работа ако сметаме дека тие услови не се доволни, така што целото тоа наше искуство од луѓе коишто продуцираат, креираат и промовираат уметност и луѓе коишто учествувале во застапувачки активности, учествувале како консултанти во процеси, промена на Правилникот, изработка на Законот за култура, изработка на Националната стратегија за култура 2023 -2027, имавме цел да го ставиме на едно место, на еден документ којшто ќе биде сеопфатен и којшто ќе претставува информација и насока за сите генерации идни и сегашни коишто ќе сакаат да научат и да ги знаат своите права.

Неинституционалниот сектор во рамки на нормативната регулатива во Македонија има свои права и многу малку уметниците и културните работници ги познаваат и на тој начин ја поделивме оваа публикација во 3 дела. Првиот дел се бави со запознавање на таа нормативна рамка, кои се тие закони, кои се тие права во рамки на Законите што ги има неинстуционалниот културен сектор и тука Законот за култура, Годишните повици на државно и локално ниво, Националната стретгија за култура и Правилникот за месечни надоместоци за самостојните уметници.

Ние 7 години работиме на нов Закон за култура, во 2019 година влезе во собраниска процедура, беше вратен назад, во 2023 повторно влезе во собраниска процедура и беше вратен назад. Тој закон е подеднакво важен за сите културни работници.

Вториот дел ги опишува сите хронолошки наши заложби, пракси, искуства и прави една паралела меѓу институционалниот и неинституционалниот сектор и третиот дел даваме еден практичен сет на препораки како понатаму да продолжуваме да делуваме во овој контекст.

Нема никакви статистички податоци колкав е бројот на неинституционални културни работници, ако знаеме дека има над 3000 вработени во културните институции, никаде не е регистриран бројот на тие што работат надвор од институциите и делуваат активно на полето на културата. Тој број може да донесе нови механизми за борба и лобирање ако се покаже дека е значителен и дека има еден сериозен сектор којшто твори ама не е опфатен во сферата на работничките права.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни