Иван Миливојев е еден од коосновачите на ЕГЗИТ, еден од најголемите музички фестивали во регионов и во Европа кој се одржува во Нови Сад, Србија и привлекува милиони посетители од целиот свет. Иако ЕГЗИТ започнал мал настан, сега е еден од најголемите музички и културни настани во Европа, со меѓународни изведувачи, огромен број на посетители и значителна економска и културна вредност. Со Иван направивме кратко интервју на годинешното издание на ПИН музичката конференција. Го прашавме Иван – Дали има живот после Егзит?
„Секако дека има, има и пред и потоа, но дали е убав? Да убав е“ вели Иван и додава „Горд сум на Exit затоа што до ден денес го претставува она што сме го направиле и е најдобар фестивал не само во регионот туку и во цела Европа. Има изведувачи кои доколку доаѓаат на нашите простори единственото место каде што настапуваат е всушност на Exit Фестивалот. Така што фестивалот го има задржано тој уникатен момент, да има ексклузива на водечки светски ѕвезди. Значи тоа е место каде што можеш да ги видиш нив како свират кај нас во нашите простори. Од друга страна пак, јас сакам да го споредам со Гластонбери, затоа што Гластонбери е по мене најдобар фестивал на светот, има 210 илјади луѓе. Луѓето од целиот свет доаѓаат и не се врти се околу главната програма, туку има и голем број помали бини, значи околу 100 помали бини и претставува она што Exit го претставува на овие простори. Значи без лажна скромност кога ќе ги собереш сите фестивали во регионот и понатаму не се тие како Exit.“
Иван беше еден од делегатите на годинешата PIN музичка конференција која се одржа минатата недела во МКЦ. Од своето прво издание во 2012 година, конференцијата ја организира Здружението за култура и уметност „ТАКСИРАТ“, како дел од познатиот Тaksirat Фестивал – член на Yourope и ETEP. PIN е дизајниран како професионална музичка платформа, целосно насочена кон поврзување на музичките пазари во Европа и создавање простор за музичари и музички професионалци во регионот. Како конференција со релативно мал капацитет, со неколку стотини присутни на дневните панели и неколку илјади на вечерните концерти, PIN е совршено место за мрежно поврзување и за создавање уникатни и долгорочни врски со другите учесници, панелистите и изведувачите.
„Пин конференција е посебна затоа што Логин ми е стар и многу добар пријател. Првите почетоци кога го правевме Exit, тој беше вклучен во тоа, ни помагаше на главната бина со хедлајндерите и ѕвездите кои што беа кај нас, така што да кажам во таа професионална смисла јас и Логин заедно се развивавме и било што, кога му треба, било каква помош на Логин секогаш сме на располагање. Срцето ми е секогаш полно кога доаѓам во Скопје на Пин конференција, особено затоа што за разлика од останати настани, тука има мултикултура и различни нации кои доаѓаат да ги претстават своите „new hot and exiting“ изведувачи, што ќе биде ново, што ќе биде кул, за што ќе се разговара следната година. И тоа е многу важно, дури да не кажам тоа е институциално, тоа е права култура каде што ти гледаш нешто што сега иако не популарно и не ги продава картите, ќе биде актуелно следната година или во текот на летната сезона. Од друга страна пак никогаш не знаеш кој од тие изведувачи ќе биде следен хедлајнер, можно е некој од нив да биде новата Дубиоза Колектив или некој нов домашен бенд кој ќе оствари светска популарност, но едно е сигурно, а тоа е дека Логин беше на почетокот кога сите тие биле никој и ништо да им помогне”, вели Иван.
И годинава, значајни имиња од европската музичка сцена беа дел од ПИН конференција. Иван спомнува само дел од нив.
„Има многу интересни гости кои се од музички индустрии, но ќе наведам само дел од нив, тоа се Кристоф кој вчера пушташе музика и ќе биде вечерва на панел со мене. Тој работи Шнагрила на Гластонбери, а Шангрила е една зона која има 7 бини на Гластонбери. Тој има своја приказна која е автентична, independent што ни е нам битно. Генерално ми се допаѓа начинот на кој работи ПИН и гостите кои ги повикува тука. Утре имаме посебна прилика да учествуваме во разговори, со Алекс Најтинџеил. Човекот е легенда, за почеток неговата мајка била Ени Најтинџеил и е прв женски диџеј на Би- би- си, работела 60 години за Би- би – си и правела интервју на ѕвезди од Џими Хејндрикс до Били Ајлиш, значи не постои ѕвезда која не прошла низ нејзини раце. И тој израснал во таква околина и на почеток работел со Primal Scream но во последниве 30 години работи со Chemical Brothers кои оставиле особено огромно значење на овие простори кај нас“ вели Иван.
Неговото искуство во делот на фестивалите е огромно. Иван продолжува да работи и надвор од Егзит, а изминатото лето беше дел од Burning Man, е фестивал кој се одржува во Америка и кој по многу нешта е специфичен.
„Пред се, сакаат да се нарекува фестивал затоа што повеќе е како community, creative community и организаторите во главно се занимаваат со инфраструктура, добиваат дозволи за да се случи тоа на тоа место и оставаат кампови кои сами за себе иницираат дека организираат музички програм, така што тоа ми е, многу поразлични искуства кои не се применуваат во Европа, а кои што сум ги видел таму. Значи за почеток, продаваат најскапи карти. Па потоа продаваат најевтини. И сега ти можеш да чекаш за поевтините, но не значи дека ќе ги добиеш затоа што има лимитиран број. Значи се е некако наопаку и што е најлудо функционира и тоа мене ме импресионираше затоа што над 30 години што се занимавам со оваа работа, многу е тешко да дојдеш во ситуација и да видиш нешто што не си го видел до сега. И тогаш ајде да кажеме дека тоа е едно место каде што имаш инспирација, каде што ние поискусните, односно со знаењето кое го имаме стекнато можеме нешто ново да научиме, што е скапоцено за нас“ вели Иван.