Претседателот на Србија Александар Вучиќ соопшти дека денеска е одржан итен и важен состанок во врска со состојбата во НИС, оценувајќи дека ситуацијата е „исклучително сложена“, но дека државата е чекор поблиску до нејзино надминување.
Во објава на Инстаграм, Вучиќ истакна дека е горд на граѓаните и на, како што рече, „силата на државата“, која и по повеќе од 70 дена без доток на нафта успеала да ја зачува стабилноста на енергетскиот систем.
„Горд сум на граѓаните и на силата на државата која повеќе од 70 дена, без капка нафта, успева да одржи целосна стабилност на енергетскиот систем“, изјави Вучиќ, во присуство на министерката за енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ.
Разговори со странски партнери и барање лиценца
Претседателот посочи дека на денешниот состанок биле разгледувани следните чекори поврзани со енергетското снабдување и дека очекува во наредната недела различни иницијативи, барања и молби да бидат упатени до OFAC, со цел добивање оперативна лиценца.
„Имаме безброј технички проблеми и маки, но државата гледа како тие да се решат. Разговаравме со сите вклучени страни и со странски партнери, а следната недела очекувам конкретни иницијативи кон OFAC“, рече Вучиќ.
Обезбедени нафтени деривати до средината на јануари
Според Вучиќ, државата паралелно продолжува со забрзан увоз на нафтени деривати, со цел да се зачува целокупната нафтена инфраструктура и да се обезбеди сигурно снабдување за граѓаните и стопанството.
Тој нагласи дека керозин, мазут, дизел и бензин се обезбедени најмалку до 15 јануари, а можеби и до 25 јануари, порачувајќи дека нема причина за паника.
„Никој не треба да се грижи. Имаме проблеми, но државата знае како да ги реши. Нашата цел е енергетска сигурност и никогаш повеќе да не се вратиме во годините кога нафтата се купуваше на улица, а не на бензински пумпи“, изјави Вучиќ.
Порака до граѓаните
На крајот, српскиот претседател им се заблагодари на граѓаните и порача дека можат мирно да се подготвуваат за новогодишните и божиќните празници.
„Ќе продолжиме да ја работиме нашата работа, а граѓаните нека се подготвуваат за празниците во целосен мир. Ќе има доволно од сè што е потребно. За секоја промена, навремено ќе бидете информирани“, порача Вучиќ.