Џована Марија Ѓамарино (56), колабираше во амфитеатарот во вторник во 18 часот. И покрај обидите на туристите и на итната помош, таа не можеше да биде оживеана и почина на лице место.
Нејзината смрт дојде само неколку недели по предупредувањето на Светската федерација на асоцијации на туристички водичи дека „екстремната жештина повеќе не е исклучок, туку нова реалност која бара внимание, прилагодување и солидарност во нашата професија“.
Италијанската асоцијација на сертифицирани туристички водичи (AGTA) истакна дека смртта на Ѓамарино ја потврдува физичката напнатост на која е изложена оваа професија и повика властите да ги продолжат работните часови на Колосеумот, за турите да можат да се одвиваат рано наутро или подоцна навечер, кога температурите се пониски.
Колосеумот работи од 8:30 до 19:15 часот од крајот на март до крајот на септември. AGTA побара променa на летните работни часови на Археолошкиот парк на Колосеумот (кој го вклучува Колосеумот, Форумот и Палатинскиот рид), наведувајќи дека работата од 10:00 до 16:30 часот во летните месеци станува неподнослива поради високите температури.
Асоцијацијата предложи дека од почетокот на јуни до крајот на август, работното време на Колосеумот треба да биде од 7:00 до 20:15 часот. „Овие промени ќе имаат придобивки за здравјето на сите: посетители, водичи и другите работници“, стои во соопштението.
AGTA дополнува дека ниските пензии и економската несигурност ги принудуваат многу водичи да работат со несоодветно темпо за да ги издржат своите семејства. „Во вторник, една водичка ја напушти оваа работа засекогаш, но во последните години многу од нас ја напуштија оваа професија за ‘побезбедни’ и помалку напорни работни места. Потребна е поголема заштита“, се вели во соопштението.
Властите на Колосеумот упатија сочувство до семејството на Ѓамарино и ја истакнаа нејзината „професионална посветеност“. Министерот за култура на Италија, Алесандро Џули, рече дека нејзината смрт „јасно ја нагласува човечката и професионалната вредност на оние кои секојдневно придонесуваат за заштитата и зачувувањето на нашето историско и уметничко наследство“. Во знак на почит, светлата на Колосеумот беа исклучени во 21 часот во средата.
Претставничката на 300 римски туристички водичи, Франческа Дуимич, истакна дека туристите често се дехидрираат поради летните горештини. „Форумот е како јама; нема сенка, нема ветер. Бидејќи ќе бидете таму во 13 или 14 часот, ќе се почувствувате лошо“, изјави таа за Асошиетед Прес.
Трагичниот настан го поттикна новиот повик за прилагодување на работното време на лето и го отвори прашањето за безбедноста и здравјето на туристичките водичи во Рим.
Извор: BBC