Истражувањето, спроведено меѓу љубители на храна на возраст од 25 до 45 години, открива дека 64% од Италијаните користат AI за учење нови техники и креирање рецепти, иако речиси половина од нив сè уште се сомневаат во квалитетот на содржината што ја создаваат овие системи, пренесува агенцијата Ansa.

Нов дигитален „шеф“ – ChefCPT
Врз основа на резултатите од анкетата, развиен е и AI систем наречен „ChefCPT“ (Culinary Pre-trained Transformer), кој користи знаења од над 200 италијански кулинарски мајстори за да обезбеди персонализирани совети и поддршка во приготвувањето на јадења. Овој систем овозможува корисниците да добијат препораки за мени според достапните состојки, да ги приспособат рецептите на алергии или нетолеранции на храна, како и да истражат техники на подготовка на специфични намирници.
Готвењето останува социјален чин
Иако технологијата се повеќе продира во кујната, Италијаните и понатаму гледаат на готвењето како на друштвено и семејно искуство. Според истражувањето, 95% од испитаниците изјавиле дека оброците се важен социјален момент, а 65% сметаат дека нормално е да се посвети најмалку половина час на подготовка на домашно јадење.

Покрај тоа, 82% од Италијаните јадат надвор најмногу еднаш неделно, поради високите цени во угостителството и ниската куповна моќ, додека најчесто избираат традиционални италијански ресторани и пицерии (74%), потоа етнички ресторани (13,5%), а само 2,5% посетуваат објекти за брза храна.
Технологија со италијански вкус
Иако многумина и натаму се потпираат на традиционалните рецепти на своите мајки и баби, новите генерации сè повеќе комбинираат кулинарска традиција со дигитална иновација. Според експертите, вештачката интелигенција нема да ја замени човечката креативност во кујната – но може да стане помошник што инспирира, потсетува и олеснува секојдневното готвење.
Извор: N1info.rs
