Обвинителството во Милано отвори нова истрага за едно од најмрачните тврдења поврзани со опсадата на Сараево: Богати странци – таканаречени „викенд-снајперисти“ – плаќале за да пукаат врз цивили во опколениот град. Приказната со години се сметаше за мит или претеран хорор, но документите и старите сведочења што повторно се појавуваат ја враќаат на маса како можен, истражлив и исклучително тежок факт.
Зошто истрагата се отвора баш сега?
Италијанскиот обвинител Алесандро Гобис побара увид во нови материјали што биле класифицирани со децении. Дел од нив доаѓаат од архивите на поранешната италијанска воена разузнавачка служба СИСМИ – агенција што во 90-тите работела со надворешни операции и имала информации за движења на италијански државјани во воени зони. Сегашната внатрешна служба АИСИ ги чува дел од тие архиви, па обвинителството ја побара целата достапна документација.
Паралелно, документарниот филм „Sarajevo Safari“ од 2022 година го оживеа прашањето за странци кои за време на опсадата биле однесувани по позиции и им било дозволено да пукаат врз цивили. Тоа создаде нов јавен и професионален притисок да се утврди дали приказната е мит или доказливо злосторство.

Старо сведоштво што станува нова клучна трага
Во фокусот повторно се најде сведочењето на американскиот пожарникар Џон Џордан, дадено во 2007 година пред Хашкиот трибунал. Тој изјавил дека додека бил во Сараево видел мажи кои не личеле на локални жители, водени од локални лица „како туристи“.
Според неговите описи, тие луѓе носеле необично оружје – пушки што повеќе наликувале на ловечки отколку на воени, „како за лов на диви свињи“. Џордан исто така сведочел дека снајперската стрелба често била насочена кон деца, што според него било намерно избирање на најранливите цели за да се предизвика максимален психолошки удар врз семејствата.
Овие сведоштва сами по себе не се доказ, но италијанските обвинители ги сметаат за доволно сериозни за да бараат архиви и меѓународна соработка.
Што точно истражува Милано?
Истрагата е покрената под сомнение за намерно убиство, отежнато со суровост мотивирано од злоба.
Обвинителството се обидува да утврди кои биле странците што патувале до линиите околу Сараево, дали постоеле посреднички групи, дали биле организирани „тури“ од криминални или паравоени структури и дали европските служби знаеле за тоа, но не реагирале.
Се проверуваат и наводи дека поранешната СИСМИ имала информации за движење на италијански државјани кон Босна и дека во некои случаи службата дури се обидувала да ги спречи да отпатуваат. Ако се потврди, тоа би значело дека институциите знаеле за можни злоупотреби, но не презеле доволно.

Што значи ова за историјата на опсадата?
Опсадата на Сараево траеше 1.425 дена и однесе над 11.000 цивилни животи. Снајперскиот оган од ридовите околу градот беше секојдневна закана – дел од систематска стратегија да се тероризира населението.
Но потенцијалното вклучување на странци кои дошле не од идеологија, туку од болна фасцинација со насилство, ако се докаже, би додало сосема нов, уште потежок слој на историјата: меѓународно соучество во злосторства врз цивили.
Тоа би поставило прашања далеку пошироки од Балканот: Како европските служби третирале сознанија за воени злосторства и Дали постоела култура на игнорирање? Како и прашањето зошто на истрагата ѝ требаа повеќе од 30 години да почне?
Сепак, останува фактот дека истрагата во Милано е официјално отворена. Побаран е увид во архивите на СИСМИ и АИСИ. Сведочењето на Џон Џордан е автентично и дадено во 2007 во Хаг и дел од италијанските и европските медиуми потврдуваат дека обвинителството работи на траги за можни странски снајперисти.
Она што останува да се докаже во постапата е дека навистина постоеле организирани туристички „снајперски тури“. Дека италијански државјани учествувале во убиства и дека архивите содржат конкретни имиња на изведувачи.
