Истражување: Урбаното планирање во Скопје не ги зема предвид потребите на жените

Истражување на „Реактор – истражување во акција“ покажува дека начинот на кој се планира и уредува градот директно ја ограничува мобилноста и безбедноста на жените и девојките во Скопје.

Иако јавниот простор треба да биде достапен и безбеден за сите, новото истражување на „Реактор – истражување во акција“ покажува дека начинот на кој се планира и уредува градот директно ја ограничува мобилноста и безбедноста на жените и девојките во Скопје.

Насловена како „Град за сите? Родовата димензија на јавниот простор“, анализата ја истражува врската помеѓу урбанистичкото планирање, инфраструктурата и чувството на безбедност кај жените. Истражувањето се фокусира на конкретна пешачка рута што поврзува четири општини во Скопје (Центар, Кисела Вода, Аеродром и Гази Баба), анализирајќи како просторните решенија влијаат врз секојдневното движење и користење на градот.

Наодите покажуваат дека инфраструктурните недостатоци не се родово неутрални. Недостигот на тротоари, небезбедните и неуредени пешачки површини и несоодветно обезбедените градилишта го отежнуваат движењето за сите, но особено за лицата со ограничена мобилност и за жените, кои според ДЗС се процентуално повеќе застапени како пешаци, а според мерењата почесто се јавуваат во придружба на деца (во колички). Дополнително, само 12% од рутата има активни приземја, што значи помалку луѓе и помала социјална контрола во просторот кои додаваат на чувството на небезбедност.

Истражувањето укажува и на значителен родов јаз во велосипедскиот сообраќај. Само 3,75% од рутата има соодветна велосипедска инфраструктура, а жените значително поретко користат велосипед, што е директно поврзано со недоволната безбедност и ниската сообраќајна култура. И покрај постоењето на стратешки документи за развој на сообраќајот и јавниот простор, анализата укажува на сериозен јаз помеѓу планирањето и реалната имплементација на терен. Таму каде што инфраструктурата е физички одвоена и побезбедна, родовиот јаз се намалува.

Чувството на безбедност кај жените има јасна временска и просторна димензија. Во вечерните часови, нивното присуство значително опаѓа, а движењето најчесто се одвива во пар или група. Жените често развиваат стратегии на прилагодување – избегнуваат одредени рути, се движат во одредено време или избираат подолги, но „побезбедни“ патеки, со што нивното право на градот останува ограничено.

Особено загрижувачки е речиси целосното отсуство на жени над 60 години од јавниот простор, што укажува на комбинација од инфраструктурни бариери, небезбедност и родово распределени грижи во домаќинството.

Истражувањето исто така покажува дека грижата за децата и во јавниот простор најчесто ја носат жените – парот мајка-дете е значително позастапен од татко-дете, што дополнително ја нагласува потребата инфраструктурата да ги препознае реалните модели на движење и грижа сѐ додека не се воспостави (по)рамноправна распределба на грижата.

Како што се нагласува во истражувањето, вклучувањето на родовата перспектива во урбанистичкото планирање е клучно за создавање безбедни и инклузивни градови. Тоа подразбира подобрување на пешачката и велосипедската инфраструктура, зголемена пристапност до јавниот превоз, како и системско користење на родово-разделени податоци во процесите на планирање.

Во извештајот се предлагаат конкретни мерки, вклучувајќи доследна примена на постојните стандарди, воспоставување систем за мониторинг на политиките и примена на интерсекционален пристап што ќе ги земе предвид различните потреби на жените.

Со ова истражување, „Реактор“ има за цел да поттикне институционален одговор и јавна дебата за тоа како да се создадат градови што навистина им припаѓаат на сите.

Авторка на истражувањето е архитектката и истражувачка Милка Докузова, а истото е кофинансирано од Kvinna till Kvinna Foundation и UK International Development. Ставовите и анализите се единствена одговорност на „Реактор“ и не нужно ги одразуваат ставовите на Kvinna till Kvinna Foundation и UK International Development.

Анализата може да се преземе на македонски или англиски јазик.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни