Научници од Австрија и Швајцарија тврдат дека ново истражување потврдило дека климатски промени влијаат врз должината на денот на Земјата, покажувајќи дека нејзината ротација во последните децении се забавила повеќе отколку во речиси кој било друг период во последните милиони години.
Ротацијата во моментов се продолжува за околу 1,33 милисекунди по век, па ова забавување не е забележливо во секојдневниот живот, нагласуваат истражувачите. Сепак, студијата укажува дека подолгиот ден може да влијае врз прецизното мерење на времето и навигацијата во вселенските летови, бидејќи двата системи се потпираат на ротацијата на Земјата.
Иако во училиштата се учи дека денот трае 24 часа, бидејќи Земјата во тој период еднаш се врти околу својата оска, времетраењето на ротацијата варира поради гравитацијата на Месечината, како и геофизичките процеси во внатрешноста на планетата, на нејзината површина и во атмосферата, пренесува dpa.
Во претходно истражување, Мостафа Кијани Шахванди од Универзитетот во Виена и Бенедикт Соја од ETH Цирих покажале дека нивото на морето расте поради забрзаното топење на мразот на половите и глечерите, што дополнително ја забавува ротацијата на Земјата.
Шахванди овој феномен го споредил со уметничка лизгачка која се врти побавно кога ги раширува рацете.
Научниците потоа сакале да утврдат дали и во минатото климата значително влијаела врз должината на денот. За таа цел го анализирале хемискиот состав на морските фосили како показател за нивото на морето, а со помош на математички модели ги пресметале промените во должината на денот.
Истражувањето, објавено во март, открило дека ротацијата на Земјата во последните 3,6 милиони години се менувала повеќепати. Планетата само еднаш се забавила приближно колку во периодот меѓу 2000 и 2020 година – пред околу два милиона години. Според Соја, сегашното продолжување на денот главно може да се припише на човечкото влијание.
„Она што го забележуваме е предизвикано од климатските промени“, изјавил тој.
Пресметките сугерираат дека во иднина, со продолжување на глобалното затоплување, Земјата ќе се забавува уште повеќе.