Поранешниот британски премиер Борис Џонсон имал токсичен, хаотичен и неодлучен одговор на пандемијата на ковид-19, а одложувањето на затворањето на земјата резултирало со околу 23.000 дополнителни смртни случаи, заклучува денеска извештајот од јавната истрага.
Велика Британија забележала повеќе од 230.000 смртни случаи од ковид-19, со слична стапка на смртност како САД и Италија, но повисока отколку во други земји од Западна Европа, и сè уште се опоравува од економските последици.
Истражувањето, кое Џонсон го наредил во мај 2021 година, дала строга проценка на одговорот на неговата влада на ковид-19, критикувајќи го неговото неодлучно лидерство, неговиот кабинет во Даунг Стрит за прекршување на сопствените правила, а дел од критиките биле насочени и кон неговиот главен советник Доминик Камингс.
„Токсична и хаотична култура“
„Во срцето на британската влада владеела токсична и хаотична култура за време на пандемијата“, наведува во својот извештај претседателката на истрагата, поранешната судијка Хетер Халет.
Халет изјавила дека Џонсон не ја сфатил сериозноста на вирусот што се појавил на почетокот на 2020 година и дека бил зафатен од други владини обврски. Во тоа време, Британија била оптоварена со преговорите за излез од Европската унија.
Џонсон пред комисијата во 2023 година рекол дека неговата влада „значително ја потценувала“ ризиците и дека разбира гневот на јавноста.
Ако Велика Британија ја затворела земјата на 16 март, само една недела порано од реалното затворање, бројот на смртни случаи во првиот бран до јули би се намалил за околу 23.000 или 48 проценти, се заклучува во извештајот.
