Во Македонија и во Албанија има полоши услови во студентски домови од оние во Словенија и Германија, покажува истражување спроведено како дел од проектот во рамки на Младински дијалог за Европа, финансиран од Европската Унија, чии резултати беа презентирани денеска во Скопје.
Истражувањето е спроведено од неформална група од петмина студенти од државава, Албанија и од Србија, а биле анкетирани над 150 студенти од по два студентски домови од земјите опфатени со истражувањето.
– Прашалникот беше унифициран со прашањата дали имате греење и какво е? Има ли разладување, каде и какво е? Има ли постојано топла вода? Има ли интернет, колку е функционален? Каква е исхраната и дали е вклучена во цената на сместување? Какви се условите во собите и хигиената? Дали има лифтови у дали студентите со посебни потреби имаат пристап до собите и предавалните? Превозот и стипендиите? И што би сакале да биде променето?, појасни студентката на Медицинскиот факултет, Дијана Кока Џемаили, координатор на неформалната група од пет студенти.
Резултатите покажале дека најблиски со лошите услови се државава и Албанија, додека состојбата во Србија била малку подобра.
Студентите во Германија биле најзадоволни во истражувањето.
Од испитаниците кои студираат во нашата држава, било заклучено дека храната не е разновидна, некогаш и не била доволна. Стипендиите биле достапни под различни услови, но, тие доцнеле.
– Истражувањето детектираше дека во трите балкански земји се одвојува по 3, и нешто над три проценти од буџетот за образованието, додека во Словенија тој е 5, 1% а во Германија 6 проценти. Па се констатира дека зголемувањето на процентот од буџетот за образованието и исправните политики ќе ги подобрат условите во стуентските домови и студентскиот стандард, додаде Кока Џемаили.
Било утврдено дека е потребно воведување на студентска работа со што студентите ќе можат да придонесат за својот стандард.
– Препораките се до властите во насока на измени на законските решенија и зголемување на уделот во инвестирање во подобрување на студентскиот стандард. Од истражувањето проследивме препораки до властите во овие три земји, заклучи Кока Џемаили.
Присутните на настанот споделија искуства и разменија ставови околу тоа како може да се подобрат условите за студентите во државава, со што како земја, би котирале меѓу земјите со подобар студентски стандард.