Истражување: Прашината од сопирачките е поотровна од издувните гасови на дизелот

Микроскопските честички кои излегуваат од сопирачките на автомобилите се потоксични од издувните гасови од автомобилот, покажа новото истражување.

Загадувањето што произлегува од триењето на гумите и патот, како и сопирачките, е познато како „неиздувни емисии“ и сега е една од најзначајните форми на загадување, дури и ги надминува емисиите на издувните гасови низ Европа.

Од сите „неизудвни емисии“, главната загадувачка супстанца е прашината од плочките на сопирачките, но таа сè уште не е законски регулирана.

Експертите од Универзитетот во Саутемптон открија дека повисоките концентрации на бакар во некои најчесто користени сопирачките се поврзани со штетните ефекти врз чувствителните клетки на белите дробови.

Изложеноста на загадување генерирано од моторите со внатрешно согорување е веќе поврзана со зголемен ризик од белодробни и срцеви заболувања. Додека вниманието најчесто е фокусирано на издувните гасови, штетните честички се ослободуваат и од гумите, патиштата и сопирачките.

„Луѓето обично го поврзуваат загадувањето на воздухот со издувните гасови и мислат дека електричните возила речиси не произведуваат загадување. Сепак, поради нивната поголема тежина, електричните возила произведуваат повеќе штетни честички преку триење и абење на гумите, патиштата и сопирачките“, вели д-р Џејмс Паркин од Универзитетот во Саутемптон.

Британските научници сакаа да разберат како различните композиции на плочките на сопирачките можат да влијаат на токсичноста на честичките и што значи тоа за здравјето на луѓето.

Тие тестираа четири различни типови на плочки – нискометални, полуметални, керамички и неазбестни органски.

Резултатите покажаа дека од четирите типа плочки, органските плочки кои не се азбестни се најштетни, што значи дека честичките кои се оставени од нивната употреба се најмоќни во предизвикување воспаление и се поотровни за човечките бели дробови од издувните гасови од дизел моторите.

Керамичките плочки беа втори по токсичност.

Сепак, д-р Ијан Медвеј од Факултетот за јавно здравје на Кралскиот колеџ во Лондон вели дека иако се чини дека студијата е добро спроведена, прерано е да се заклучи дека емисиите од плочките на сопирачките се поштетни од издувните гасови на дизелот.

„Премногу променливи остануваат непознати – типовите на сопирачките дискови, составот на честичките од издувните гасови на дизелот и избраните референтни вредности. Сепак, овие наоди би можеле да имаат големи импликации врз законот, бидејќи покажуваат дека мерките насочени исклучиво кон емисиите на издувните гасови нема да бидат доволни за да се намалат ризиците од загадувачите во сообраќајот“, посочува Мадвеј.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни