Историски скок на Волстрит каков што не се случил 17 години

За S&P 500 ова е најголем дневен скок од глобалната финансиска криза во 2008 година и трет најголем од Втората светска војна. За Насдак, пак, ова е најголем скок од „дотком“ кризата во 2001 и втор најголем во историјата.

На Волстрит, индексот S&P 500 скокна за 9,5 проценти, што претставува негов најголем дневен скок во последните 17 години, откако претседателот на САД, Доналд Трамп, ја одложи примената на дополнителните царини за сите земји, освен за Кина.

Индексот Дау Џонс порасна за 7,87 проценти, на 40.608 поени, додека S&P 500 скокна за 9,52 проценти, на 5.456 поени, а Насдак индексот порасна за 12,16 проценти, на 17.124 поени.

За S&P 500 ова е најголем дневен скок од глобалната финансиска криза во 2008 година и трет најголем од Втората светска војна. За Насдак, пак, ова е најголем скок од „дотком“ кризата во 2001 и втор најголем во историјата.

Одложени царини
Вчерашното тргување започна внимателно, со мал пораст на индексите, а нивниот силен скок се случи попладне, откако Трамп на социјалните мрежи објави дека привремено, за 90 дена, ќе ја одложи примената на царините за сите земји освен Кина, на која дополнително ќе и ги зголеми царините на вкупно 125 проценти.

Министерот за финансии, Скот Бесент, подоцна на прес-конференција објасни дека царините ќе бидат одложени, но дека основната, 10-процентна царина ќе се плаќа на увозот на речиси целата стока во САД.

Одложувањето нема да се однесува на претходно воведените секторски царини за автомобили, челик и алуминиум, ниту на 25-процентните царини за Канада и Мексико. Во наредните месеци, Вашингтон ќе преговара со трговските партнери за нови услови на меѓусебна трговија.

Зголемувањето на царините на увозот на кинеска стока на вкупно 125 проценти, Трамп порача, е одговор на кинеското зголемување на царините на увоз на американска стока на 84 проценти, што стапува на сила на 10 април.

Одложувањето на царините во помалку од 24 часа откако беа воведени дојде по најголемиот четиридневен пад на цените на акциите од корона-кризата, при што индексот S&P 500 падна за 12 проценти.

Со вчерашниот скок, индексите надоместија поголем дел од тие загуби.

„Ова е клучен момент кој го чекавме. Првата реакција на пазарот беше исклучително позитивна затоа што инвеститорите го гледаат ова како чекор напред кон разјаснување на ситуацијата. Но, останува неизвесноста околу тоа што ќе се случува во следните 90 дена, а инвеститорите ќе мора да се справат со таа неизвесност“, изјави Џина Болвин, претседателка на компанијата Bolvin Wealth Management Group.

По одложувањето на царините од страна на Трамп, аналитичарите на Голдман Сакс ја повлекоа својата неодамнешна проценка за ризикот од рецесија и порачаа дека оваа година очекуваат раст на американската економија.

Кевин Гордон, стратег во Charles Schwab, изјави дека овој скок на цените по претходниот остар пад има смисла, но дека во вакви услови никој не може да биде сигурен во ништо.

„Ќе мора да почекаме за да видиме каква ќе биде конечната политика, но за жал, политиката се менува речиси секојдневно. Прашањето е дали компаниите во ваква средина ќе можат да носат одлуки за инвестиции и вработување“, рече Гордон.

Во сите 11 најважни сектори на индексот S&P 500, цените на акциите вчера пораснаа, а меѓу најголемите добитници беше технолошкиот сектор со пораст од над 14 проценти.

Цените на акциите на технолошките гиганти Apple, Nvidia и Tesla, кои претходно нагло паднаа, скокнаа меѓу 15 и 22 проценти.

Благодарение на одложувањето на царините, индексот на „страв“ VIX, кој претходните денови се движеше на највисоките нивоа од 2020 година и корона-кризата, вчера остро падна од 58 на 33 поени. Тоа значи дека инвеститорите помалку ги осигуруваат своите портфолија од можен понатамошен пад на цените на акциите.

А на европските берзи, кои беа затворени пред објавата на Трамп, цените на акциите вчера паднаа. Лондонскиот FTSE индекс се лизна за 2,92 проценти, на 7.679 поени, додека франкфуртскиот DAX падна за 3,00 проценти, на 19.670 поени, а парискиот CAC за 3,34 проценти, на 6.863 поени.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни