Испејте неколку зборови и YouTube сам ќе ја најде песната што ја сакате

YouTube претстави нова опција која ќе ги воодушеви сите љубители на музиката.

Го знаете ли чувството кога песната ви свири во главата, ја потпевнувате нејзината мелодија, но не го знаете нејзиното име, ниту името на изведувачот? YouTube разви технологија која овозможува пребарување на песна само врз основа на вашето пеење. Иако Google веќе воведе ваква слична опција пред неколку години, голем дел од корисниците сепак не беа задоволни во целост.

Оваа технологија која сега ја усоврши YouTube ќе овозможи пребарување на песната со тоа што корисникот ќе испее неколку зборови во траење од најмалку три секунди или пак ќе ја пушти од друг извор на музика, слично како што работи Shazam. Технологијата се заснова на модели за машинско учење кои можат да го поврзат потпевнувањето на корисникот со, како што го нарекоа во Google, „ритамот на песната“, односно нејзината препознатлива мелодија. Откако системот ќе ја препознае песната, ќе му даде на корисникот предлози за видео на YouTube – официјални видеа од таа песна или Shorts каде што се репродуцира истата.

Корисниците кои се дел од овој експеримент можат да пристапат до опцијата на истото место каде што се наоѓа гласовното пребарување (потребно е да ја смените опцијата од гласовно пребарување во пребарување на песна). Според информациите оваа опција, на почетокот, ќе биде достапна само за корисниците на Android. До сега YouTube не објавува повеќе детали, па не е познато дали оваа напредна опција во иднина ќе биде достапна и за оние кои користат iPhone.

Инаку Google и YouTube не се единствените апликации кои можат да препознаат песни врз основа на кратко потпевнување. Од друга страна Tech Crunch потсетуваат дека апликациите како SoundHound и MusixMatch ја имаат истата можност, но се разбира, тие не се ни приближно популарни како YouTube и бројот на нивните корисници е многу помал.

Извор: sundries.com.ua

Најново

Последни колумни