Искра Гешоска, македонската теоретичарка на уметност е меѓу трите добитнички на Гете медалот за придонес во културната размена за 2024, соопштија од Гете Институтот. Покрај Гешоска, наградени се и литературната преведувачка Клаудија Кабрера од Мексико и театарската работничка Кармен Ромеро Кверо од Чиле. Медалот Гете е едно од најважните признанија на Германија за културни творци од странство.
Гешоска ќе ја прими наградата во Вајмар на 28 август, денот на раѓањето на поетот Јохан Волфганг фон Гете.
Жирито во образложението за доделување на престижното признание вели дека Искра Гешоска создава важни платформи за независната културна сцена во Северна Македонија. Таа е соосновач на Фестивалот за критична култура „Крик“ и на мрежата „Кооператива“, која ја поттикнува европската културна размена во поранешните југословенски држави.
Гешоска е ќерка на македонските театарски доајени Милица Стојанова и Димитар Гешоски.
„Токму во време на мултилатерални кризи и поларизирачки дебати како денес, потребна ни е отвореност за различни перспективи во светот, подготвеност да учиме едни од други и да градиме доверливи врски во општеството, но и меѓу различни општества. Годинешните добитнички се залагаат токму за вакви поврзувања и меѓународно разбирање на извонреден начин, без да се обесхрабрат од препреките“, изјави Карола Ленц претседателката на Гете институтот.
Гете институтот го доделува медалот секоја година почнувајќи од 1995 година, како официјално одликување на Сојузна Република Германија. Со Медалот Гете се одликуваат личности од целиот свет кои дале посебен придонес во наставата по германски јазик и меѓународната културна размена.