Недолго по српската објава на преводот на македонскиот роман „Столб што пее“, во викенд бројот на белградскиот дневен весник „Danas“ публикуван е првиот критички одглас од перото на угледната книжевна критичарка Анѓелка Цвијиќ, насловен „Во театарот на историјата“.
Историјата, пишува во најавните редови српската критичарка, е на големи маки: таа не ја предочува комплетната, причинска слика на настаните, но отсекогаш испоставувала само несреќи, омраза, насилија, убивања, селидби и страдања… „Затоа историјата е на големи маки; зашто на луѓето, главно учесници на историските збиднувања, треба да им објасни – од каде толку зло во нив, зошто е полесно да се соживува со него, а не со добрината, емпатијата и љубовта. И до кога тоа ќе биде така…“

Откако ќе укаже дека е доволно да се имаат предвид историските драми на 19 и 20 век, критичарката ќе истакне дека романот „Столб што пее“ има најширок можен видокруг: „…погледот на писателот е многу поширок од тоа тесно јадро на времето, а неговата креативна мрежа на асоцијации досега до антиката, ги раскрилува заборавените видици на историјата, барајќи ги во нив поводите и причините за трајната човечка агонија и тага…“
Стожерот на романот на Османли, според неа, го чинат ликовите на античкиот поет и музичар Сејкил, потоа современиот британски археолог професорот Сер Вилијам Ремзи, како и железничкиот инженер Едвард Џ. Пурсер кој, при изградбата на железничката пруга во Мала Азија, во некрополата на античкиот град Тралејс во близината на градот Ајдин во Турција, 1883 ќе го пронајде столбецот со изгравираниот епитаф на Сејкил, со впишан текст и со еден од најстарите музички записи што инаку ќе го прочита и археолошки ќе го забележи неговиот пријател, професорот В. Ремзи. Столбецот во меѓувреме се губи во густиот и трагичен сплет на малоазиските настани во текот на грчко-турската војна 1919-1922, а потрагата по изгубениот столбец се претвора во потрага по изгубената суштина на човековото опстојување пред историските бури од војни, насилија, бегалски збегови и масовни страдања што, опишани во романот „Столб што пее“, траат до денес.

„Повеќетематскиот роман на Томислав Османли тече во низа кратки поглавја кои се осмислени да му обезбедат сјајна динамика. Од столбот што пее (кој денес се наоѓа како древен артефакт во Националниот музеј на Данска, во Копенхаген), преку дамнешните и новите војни во Мала Азија, со посебно детално опишаната грчко-турска војна од првата петтина на минатиот век, до Сирија и Алепо, ова несекојдневно дело ја спојува антиката и денешново доба од некогашниот епитаф до ововремените, нон-стоп апдејтирани известувања на мировните организации кои преку општествените мрежи се приопштуваат до целиот свет…„
„Внимателно и прецизно градена – пишува српската критичарка – сложена структура на ‘Столбот што пее’ успева да го поврзе сето тоа, вклучувајќи ги покрај автентичните и оние фиктивни ликови и есеистичките пасажи, документарните материјали, илустрациите, па и современата транскрипција на Сејкиловиот епитаф чијшто звук може и да се слушне во QR кодот приложен во романот.“

„Со својата нова книга – вели Анѓелка Цвијиќ – Томислав Османли ја испиша апокалиптичната историја на општеството и на поединецот, ги истражи причините на злосторот и на казната и, во ниеден момент не паѓа во патетика туку, редејќи ги дамките на совеста на целиот свет настанати со нетрпеливоста кон оној другиот, го обнови епикурејското ехо на Сејкиловиот столб. Пишуван во пост-постмодерен клуч, без патетика, јасно мисловно доследен, романот ‘Столб што пее’ на Томислав Османли му го враќа самочувството на отуѓениот, самодоволен роман на постмодерната, ја обновува класиката и го отвора патот кон нејзиниот нов израз…“
Романот, кој неодамна го објави новосадска „Агора“, на српски го преведе писателот, уредник и издавач Сашо Огненовски. По дистопијата „Бродот. Конзархија“, ова е втор роман на Томислав Османли кој, во превод на истиот автор, го објавува реномираната српска издавачка куќа „Агора“.
Пред извесно време и грчкиот превод на романот свечено беше промовиран на Саемот на книгата во Солун. Двете странски објави беа поддржани од македонското Министерство за култура
Инаку, “Столб што пее“ на Томислав Османли беше финалист на македонските конкурси за роман и за прозно творештво во 2023 година.