Одливот на младите и образовани лица во земјите од Западниот Балкан ги намалува значајно популациите во овие земји, но и го намалува потенцијалот на регионот, бидејќи од земјите заминуваат млади, талентирани и образовани кадри. Поради тоа се појавува недостаток на квалификувана работна сила, што ги дестабилизира и така кревките економии, но и ги менува регионалните демографии, велат од Вестминстер Фондацијата за Демократија.
Дел од овие загуби се покриваат со работната сила од мигрантите, но тие главно ги покриваат дневните трошоци, но не и долгорочниор раст преку деловни инвестиции.
Според податоците на Фондацијата, Македонија има изгубено околу 333 милиони евра од БДП-то од 2018 година наваму поради одливот на млади и образованите лица, што е 2,9 отсто. Според податоците на Фондацијата, од Македонија заминале над 21 илјади луѓе, што е околу 1 отсто од вкупната популација.
Најпогодена држава од овој феномен е Косово, од каде заминале 1,7 отсто од популацијата или над 30 илајди жители, а изгубениот потенцијал е 7,3 отсто што се проценува дека е 519 милиони евра.
Номинално, најмногу загубила Србија, скоро 900 милиони евра, или 2 отсто од БДП со 46 илјади иселени луѓе. Од Босна и Херцеговина се отселиле над 33 илјади луѓе, што го намалил потенцијалот на нивното БДП за 3,9 отсто, што претворено во евра се 710 милиони евра. 37 илјади луѓе се иселиле од Албанија, или 1,3 отсто од нивната популација, што влијае врз нивниот потенцијал за 4,1 отсто или 559 милиони евра. Од Црна Гора се иселиле само 3200 граѓани, или 0,5 отсто од нивната популација, што влијае врз потенцијалното БДП за 1,4 отсто или 70 милиони евра.
Покрај овие податоци на Фондацијата и Обединетите нации објавија проценки според кои до 2050 година, шесте земји од Западен Балкан ќе имаат околу 3 милиони жители помалку од денес.
Наместо минатогодишните 16.977.000, Западен Балкан во 2050 година ќе има 13.975.000 жители, проценува Радио Слободна Европа повикувајќи се на податоците од ОН.
Србија, која лани имаше 6.788.000 жители, во 2050 година ќе има 5.554.000 или околу 1,2 милиони жители помалку. Доколку се остварат проценките, тоа би било пад од 18,2 отсто, пишува РСЕ.
Босна и Херцеговина од 3.194.000 ќе се намали на 2.469.000 жители, што е намалување за 22,7 отсто, а Албанија од 2.822.000 на 2.251.000 жители, што е намалување за 20,2 отсто.
Северна Македонија наместо 1.836.000 ќе има 1.519.000 жители, што е пад од 17,3 отсто, додека Црна Гора наместо 628.000 ќе има 535.000 или 14,8 отсто помалку.
Според проценките на ОН, Косово ќе забележи најмало намалување, од 1.709.000 на 1.647.000, односно само 3,6 отсто.